Министерството за здравство, во соработка со Проект ХОПЕ, обезбеди современа медицинска опрема во вредност од околу 500.000 долари за четири регионални болници, изјави министерот Азир Алиу при посетата на Општата болница во Гостивар.
Опремата е наменета за болниците во Гостивар, Велес, Струмица и Струга и има за цел да ја подобри грижата за мајките, новороденчињата и ранливите пациенти. Само за гостиварската болница, вредноста на донацијата изнесува околу 130.000 долари.
Станува збор за ехо апарати, инкубатори, монитори, ЦТГ уреди, инфузиони пумпи, родилни кревети и апарати за фототерапија, обезбедени преку проектот „Перимак“.
„Нашата определба е регионалните болници да бидат силни, функционални и добро опремени“, изјави Алиу, додавајќи дека ваквите инвестиции се дел од пошироката политика за подобрување на пристапот и квалитетот на здравствените услуги.
Според податоците, во рамки на соработката досега се обезбедени медицински средства во вредност над 3,5 милиони долари, а обучени се повеќе од 1.000 здравствени работници.
Од Министерството наведуваат дека ваквите проекти се насочени кон намалување на разликите во квалитетот на здравствените услуги меѓу регионите и подобрување на здравствената инфраструктура во земјата.

