Министерот за здравство Азир Алиу најави промени во пристапот кон превентивната здравствена заштита, откако ревизорски извештај покажа сериозни слабости во скрининг програмите и долгите рокови за дијагностика во Северна Македонија.
Извештајот, објавен по повод Светскиот ден на здравјето, укажува дека само околу 5% од жените се опфатени со скрининг за рак на дојка, додека кај ракот на грло на матка опфатот изнесува меѓу 10% и 15%, значително под европските стандарди.
Дополнително, пациентите чекаат од 25 дена до два месеци за резултати од мамографски прегледи, како и за ПАП тестови, што доведува до задоцнето откривање и лекување на болестите.
Податоците се однесуваат на периодот од 2021 до 2024 година, но пациентските здруженија велат дека состојбата останува непроменета.
„Сериозно потфрламе во овој поглед. Имаме одреден напредок, но за вистински скрининг програми ни треба капацитет да го опфатиме целото население, што засега го немаме“, изјави Ана Марјановиќ од здружението „Хема-онко“.
Лекарите нагласуваат дека скринингот мора да оди паралелно со зголемен опфат на вакцинација.
„Скринингот и вакцинацијата треба да бидат синергични. Потребно е системско потсетување на пациентите, па дури и регулаторни механизми за да се зголеми опфатот“, изјави проф. д-р Горан Димитров од Македонското лекарско друштво.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека не е задоволен од тековната состојба и најави суштински промени во методологијата.
„Потребно е да се смени пристапот – покрај скрининг програмите, мора да има и системско следење по скринингот“, изјави Алиу.
Оваа година, Светскиот ден на здравјето се одбележува под мотото „Науката ја прави здравствената заштита подостапна“, но експертите предупредуваат дека без засилена превенција, здравствениот систем ќе продолжи да реагира на болести наместо да ги спречува.

