Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека воопшто не е загрижен за можни воени злосторства, додека се приближува неговиот рок до вторник навечер Иран да го отвори теснецот Ормус, а израелската војска им порача на жителите на Иран да не користат возови и да не се движат во близина на железнички линии.
Израелската армија во порака на персиски јазик објавена на Икс наведе дека користењето возови и присуството во близина на железничката инфраструктура „го загрозува животот“, барајќи од граѓаните на Иран да се воздржат од патување со воз до 21 часот по иранско време.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на ОН денеска треба да гласа за ублажена резолуција за заштита на трговската пловидба низ Ормус, откако Кина се спротивстави на претходна верзија што би дозволила употреба на сила. Новиот текст се фокусира на одбранбена координација и придружба на бродови, без експлицитно овластување за воена интервенција.
На терен, израелската војска соопшти дека погодила клучен петрохемиски комплекс кај Шираз и локација со балистички ракети во северозападен Иран, додека ирански проектил предизвикал штета во централниот дел на Израел. Според израелските служби за итни случаи, немало непосредни извештаи за повредени.
Саудиска Арабија соопшти дека во текот на ноќта пресретнала седум балистички ракети и најмалку 18 дронови насочени кон источниот дел на земјата, при што остатоци паднале во близина на енергетски објекти.
Пазарите остануваат под притисок. Цената на Брент се движеше околу 111 долари за барел, а американската WTI над 114 долари, додека инвеститорите ја следат заканата од натамошна ескалација околу Ормус.
Според групата HRANA, од почетокот на нападите во Иран се убиени речиси 3.600 луѓе, меѓу нив најмалку 1.665 цивили и 248 деца, иако овие бројки не можеа независно да бидат потврдени.

