САД ќе ги суспендираат нападите врз Иран за период од две недели, откако Пакистан побара дополнително време за дипломатски напори, а Техеран сигнализираше дека го разгледува предлогот.
Одлуката доаѓа по разговори со пакистанското раководство, вклучително и премиерот Шехбаз Шариф и воениот врв, при што било побарано одложување на планираните воени дејствија.
„Врз основа на разговорите со премиерот Шехбаз Шариф и други претставници на Пакистан, и по нивното барање да се воздржиме од употреба на деструктивна сила кон Иран, а под услов Исламската Република Иран да се согласи на целосно, итно и безбедно отворање на Ормутскиот теснец, се согласувам да ги суспендирам бомбардирањата и нападите врз Иран за период од две недели“, се наведува во соопштението на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во соопштението се додава дека станува збор за „двостран прекин на огнот“, со цел да се овозможи финализирање на преговорите.
Трамп наведува дека САД веќе ги постигнале своите воени цели и дека разговорите за долгорочен мир на Блискиот Исток се во напредна фаза.
„Добивме предлог од 10 точки од Иран и веруваме дека тоа е изводлива основа за преговори. Речиси сите клучни прашања на несогласување се веќе усогласени, но двонеделен период ќе овозможи договорот да се финализира“, се вели во изјавата.
Тој додава дека постои реална можност за постигнување трајно решение за конфликтот и поширока стабилизација на регионот.
Пакистан, кој во изминатите недели дејствува како посредник меѓу Вашингтон и Техеран, побара двонеделен прекин на огнот за да ѝ се даде шанса на дипломатијата да доведе до крај на конфликтот.
Конфликтот предизвика сериозни нарушувања на глобалните енергетски пазари, особено поради блокадата на Ормутскиот теснец, преку кој се транспортира значителен дел од светската нафта и гас.
Иран, според дипломатски извори, позитивно го разгледува предлогот, додека од Белата куќа соопштија дека одговорот на иницијативата ќе следи наскоро.

