Пишува: Ристе Костовски
Очекувањата и довербата на младите во креаторите на политиките и во концептот на самите политики се клучни за имплементирањето на политиките и користењето на мерките од страна на младите.
Младинските политики и стратегии се клучни за креирање клима во која младите ќе можат да се развиваат. Она што е важно, покрај самиот модел на планирање и имплементирање на младинските политики и стратегии, се очекувањата и кредибилитетот кај младите како таргет-група и конзументи на тие планови и политики.
Важноста произлегува од самата двонасочна релација каде политиките креираат очекувања, но и очекувањата се важни за имплементирањето на политиките. Во оваа насока, политиките се важни за стабилизирање на очекувањата кај младите, кои, пак, стабилизирани очекувања се важни за апсорпција на мерките и политиките.
Политиките во основа се инструменти за остварување на дадени цели. Политиките ја даваат траекторијата на движење на мерките и активностите со кои треба да се постигнат одредени мисии, визии и цели. Ставено во контекст на младинските политики, истите претставуваат документи (планови) со кои се тежнее да се остварат поставените цели на младинскиот развој.
Структурно, за имплементирање на политиките потребни се стратегии на пониско ниво, како и акциони планови со кои ќе се имплементираат конкретни активности и чекори.
Со цел да има добра операционализација на проектите во кои се дефинирани конкретни активности и настани, потребна е инклузивност во целиот процес на планирање. Преку инклузивноста се зголемува довербата и перцепцијата за кредибилитетот на самите политики, која перцепција при имплементирањето на самите модели на политики, стратегии, планови и проекти резултира со поголема апсорпција од страна на младите.

