12.8 C
Скопје
16 август, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАСТАВ

Една чаша вода не ја враќа довербата

Пишува: Џелал Незири

Властите велат дека водата во Гостивар сега е безбедна за пиење. За да бидат поубедливи, функционерите од овој град беа првите што испија по една чаша вода, по повеќе од еден месец забрана. Како готвачите што ја пробуваат храната пред кралот или врховниот лидер за да докажат дека во неа нема ништо отровно.

Но, овој јавен перформанс и не е толку поврзан со стравот од граѓанинот. Повеќе е обид да се убеди граѓанинот дека водата е безбедна, во време кога довербата во институциите е речиси непостоечка. Замислете, во Скопје се прошири порака дека, наводно, во водата од чешмите има бактерија Escherichia coli и речиси сите поверуваа. За да ја демантира лажната вест, првиот човек на Скопје побара чаша вода и ја испи пред камерите.

А како граѓаните да имаат доверба кога само во Гостивар повеќе од 5 илјади лица биле хоспитализирани? Не се знае колкумина од нив ќе имаат долгорочни здравствени последици. Бизнисите ги бројат загубите во екот на сезоната, кога иселениците се враќаат во родниот крај. Кој ресторан можел нормално да работи во услови кога водата се претворила во отров? Колкави се нивните загуби? Колкави се загубите на 5-те илјади пациенти кои биле хоспитализирани? А на оние што се лекувале приватно и воопшто не биле евидентирани?

Материјалната штета се мери во милиони евра.

Сепак, реакцијата беше зачудувачки бледа. Неколку соопштенија, обвинувања и контраобвинувања меѓу партиите и, тук-таму, по некој индивидуален протест на социјалните мрежи. Замислете како би реагирале институциите доколку домаќинствата или компаниите не би ги плаќале сметките. Прекин на водоснабдувањето и извршители на врата.

Кај нас злото е нормализирано, а фатализмот се користи како средство за смирување: демек, така било пишано.

Вистината е дека ние самите ја пишуваме нашата политичка судбина. Ние ја проектираме иднината кога гласаме, поддржуваме и веруваме во вредности. Но, за жал, гласот не го гледаме ниту како средство за казнување, ниту како средство за наградување на владејачките гарнитури. Едни се водат од тесниот личен интерес, други од инаетот или егото, а трети гласаат заради атер.

Не е првпат граѓаните да се трујат на ваков начин. Во неколку општини, во изминатите години, имало вакви појави како последица на лошото управување. Но, сите овие скандали, со тешки колективни последици, поминаа без реакцијата што ја заслужуваа. А кога нема соодветна реакција, скандалите се повторуваат.

Што уште треба да се случи за луѓето да се убедат дека за функцијата треба да се најде соодветен кадар, а не за кадарот да се измислува функција? Каква трагедија треба да се случи за партиите да најдат човек за работното место, а не работно место за човекот?

Во духот на Џон Лок, државата постои за да му служи на поединецот и да ги заштити неговиот живот, слобода и сопственост.

Ако не успева да ја исполни оваа мисија, тогаш каде е логиката на постоењето на државата?

Related posts

Платени демократи

admin

КОЈА Е ВИСТИНСКАТА СТРАНА

admin

Оригиналниот грев: Кралот Лир од Вашингтон

admin

СЕДИ КЕЦ!

admin

ГРАНИЦИТЕ НА НАШИТЕ УМОВИ

admin

ИМА ЛИ МЕСТО ЗА СТРАВ ОД ПТИЧЈИОТ ГРИП?

admin