Иранската Револуционерна гарда се закани дека ќе напаѓа американски позиции на Блискиот Исток доколку иранските танкери и трговски бродови бидат повторно цел на напади, јавија иранските медиуми.
„Секој напад врз ирански танкери и трговски бродови ќе резултира со тежок напад врз една од американските бази во регионот и врз непријателските бродови“, соопшти Револуционерната гарда, еден ден по американските напади врз два ирански танкери во Оманскиот Залив.
Во меѓувреме, британскиот Центар за поморски трговски операции (UKMTO) соопшти дека товарен брод бил погоден од непознат проектил кај брегот на Катар, по што избувнал помал пожар кој бил изгаснат.
Инцидентот се случил на околу 43 километри североисточно од Доха.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека очекува Иран „наскоро“ да одговори на најновиот американски предлог за мировен договор, кој бил испратен преку пакистански посредници.
Но, засега нема официјална потврда дека Техеран испратил одговор.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изрази сомнеж во сериозноста на американската дипломатија.
„Последната ескалација на тензиите од страна на американските сили во Персискиот Залив и бројните прекршувања на примирјето дополнително ги зголемија сомнежите околу мотивите и сериозноста на американската страна“, изјавил Арагчи во разговор со турскиот министер за надворешни работи, пренесе агенцијата ИСНА.
Во петокот американски борбен авион онеспособи два танкери под иранско знаме, кои Вашингтон ги обвини дека ја нарушиле американската блокада на иранските пристаништа.
Тензиите дополнително се зголемија по инцидентите во Ормутскиот Теснец, клучна светска рута за транспорт на нафта, која Иран се обидува да ја контролира за економски и политички притисок врз САД и нивните сојузници.
Во меѓувреме, сателитски снимки покажаа можна нафтена дамка во близина на иранскиот остров Харг, клучен терминал за извоз на иранска нафта. Според аналитичарите, можно е истекувањето да е поврзано со оштетена нафтена инфраструктура.
Паралелно, примирјето на либанскиот фронт е под сериозен притисок. Израелските напади во јужен Либан продолжуваат, а либанските власти соопштија дека најмалку девет лица загинале во најновите воздушни удари.
Хезболах, пак, соопшти дека нападнал израелски цели со дронови како одговор на израелските операции.

