Украинскиот претседател Володимир Зеленски во писмо до европските лидери ја отфрлил германската иницијатива за доделување „асоцијативно“ членство на Украина во Европската унија, оценувајќи дека таков статус би ја оставил земјата без реално влијание во европските институции.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно предложи Украина како преодна фаза да добие можност да учествува во институциите и состаноците на ЕУ, но без право на глас, како дел од поширок план за постепена интеграција.
Во писмото испратено до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и кипарскиот претседател Никос Христодулидис, Зеленски нагласил дека Украина не може да биде „присутна, но безгласна“ во Европската унија.
„Ја браниме Европа целосно, не делумно и не со половични мерки“, навел Зеленски, обвинувајќи ја Русија дека се обидува да ја разниша европската стабилност и единство.
Украинскиот лидер истакнал дека Киев продолжува со реформите потребни за полноправно членство во ЕУ и покрај војната со Русија, додавајќи дека проширувањето на Унијата и претходно покажало дека земјите можат постепено да се интегрираат без ограничување на нивните права.
Според германскиот предлог, Украина би можела да добие претставници во Европската комисија и Европскиот парламент без право на глас, како и постепен пристап до европските фондови и безбедносните механизми на Унијата.
Дел од европските дипломати реагирале резервирано на иницијативата, оценувајќи дека статусот „асоцијативен член“ формално не постои во правната рамка на ЕУ и би барал измени на европските договори.
Други дипломати сметаат дека иницијативата може да биде обид за забрзување на европската интеграција на Украина, без формално и брзо полноправно членство.
Зеленски во писмото оценил дека моментот е погоден за напредок на пристапните преговори, особено по политичките промени во Унгарија и заминувањето на премиерот Виктор Орбан, кој беше еден од најгласните противници на украинското членство во ЕУ.
Украина очекува во наредните два месеци да отвори преговори за шест клучни кластери во процесот на пристапување кон Европската унија.

