9.8 C
Скопје
18 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Инфлацијата ги празни паричниците: Трошоците за живот пораснаа за 5,7 проценти

Трошоците за живот на годишно ниво се зголемени за 5,7 проценти, додека цените на мало пораснале за 5 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Само во април, во споредба со март, инфлацијата изнесувала 1,3 проценти.

Во исто време, Народната банка прогнозира дека инфлацијата годинава ќе достигне околу 4 проценти.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека растот на инфлацијата е последица на задоцнетата и неефикасна реакција на Владата по почетокот на војната и растот на цените на нафтата.

„Владата прво спиеше месец и пол, а потоа донесе неефективни мерки“, вели Јовановиќ.

Според него, намалувањето на ДДВ и акцизите не е доволно за да се спречи растот на цените.

„Без ограничување на цените, намалувањето на ДДВ и акцизите само им ги полни џебовите на големите фирми“, оценува тој.

Јовановиќ смета дека замрзнувањето на цените е единствениот ефикасен краткорочен механизам за запирање на дополнителниот раст на инфлацијата.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски смета дека Владата има ограничен простор за нови мерки и дека замрзнувањето на цените не е одржливо решение.

„Замрзнувањето на цените и маржите се прелева во наредните месеци и се покажа како лоша мерка“, изјави премиерот.

Тој посочи дека веќе се применуваат таргетирани мерки преку ДДВ, како и мерки за вештачкото ѓубриво и течниот природен гас.

Мицкоски нагласи дека инфлацијата е регионален проблем, наведувајќи дека во Бугарија таа е над 6 проценти, во Хрватска околу 6 проценти, а во Грција околу 5 проценти.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, предупреди дека трошоците за живот растат побрзо од платите.

Според ССМ, синдикалната минимална кошница во периодот јануари–април пораснала за 3.304 денари, додека минималната плата се зголемила за 1.667 денари.

Тоа значи дека на работниците со минимална плата им недостигаат 1.637 денари за покривање на основните трошоци.

„Додека минималната плата е зголемена за 6,8 проценти, инфлацијата достигна 5,7 проценти, што значи дека реалниот раст е само 1,1 процент“, вели Трендафилов.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, очекува економски раст од 3,5 проценти во 2026 година и 3,8 проценти во 2027 година, при што главен двигател би биле инфраструктурните инвестиции и закрепнувањето на надворешната побарувачка.

Сепак, Народната банка предупредува дека глобалните геополитички конфликти, особено на Блискиот Исток, и натаму претставуваат ризик за цените и економската стабилност.

Според проекциите, инфлацијата постепено би се намалила на околу 3 проценти во 2027 година и би се вратила кон историскиот просек од 2 проценти на среден рок.

Related posts

Трамп поразен на суд, но возвраќа со нови царини: светот пред нова трговска бура

admin

Има ли Украина „валкана бомба“ и која е целта на тоа оружје?

ninja

Рација во Седларце и Боговиње, приведени странски државјанки од Албанија, Белорусија и Русија

admin

Коста се обидува да го заобиколи Орбан околу кандидатурата на Украина за ЕУ

admin

Германски суд: Мета може да користи јавни податоци од корисници за вештачка интелигенција

admin

Буџет за 2024 – реален или предизборно напумпан?

admin