Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски реагираше на изјавата на новата бугарска министерка за надворешни работи Весислава Петрова Чамова, која во обраќање за бугарските медиуми употреби термин „северномакедонски“ при споменување на македонскиот народ.
Муцунски порача дека користењето на таков термин е „неточно и несоодветно“.
„Македонците се Македонци“, изјави Муцунски, додавајќи дека означувањето на македонскиот народ како „северномакедонски“ не е прифатливо.
Шефот на македонската дипломатија истовремено демантираше дека во Брисел имал официјална билатерална средба со бугарската министерка.
Според него, станувало збор само за кратка размена на зборови, а не за формален состанок.
„Едноминутен разговор не е средба“, изјави Муцунски.
Изјавата на бугарската министерка предизвика реакции и во јавноста и во медиумите, а темата дополнително ја отвори нова политичка дебата меѓу власта и опозицијата.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека без разлика дали разговорот бил формален или неформален, пораката од Софија е јасна.
„Имало или немало средба, пораката на бугарската министерка е јасна“, напиша Филипче на социјалната мрежа Икс.
Тој посочи дека бугарските позиции поврзани со евроинтеграциите на земјава остануваат непроменети и дека прашањето од 2022 година е дел од европската рамка, а не само билатерален спор.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ја осуди употребата на терминот „северномакедонски“, оценувајќи дека станува збор за „неточен и несоодветен“ опис на македонскиот народ.
Од партијата порачаа дека „во Македонија живеат Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми и Бошњаци, но не и Северномакедонци“.

