Насилството меѓу учениците во Северна Македонија е во пораст, а институциите најавуваат законски измени, построги мерки и поголема одговорност од родителите, по серија инциденти во кои жртви се малолетници.
Министерката за образование Весна Јаневска најави измени на Законот за основно образование, со кои би се вовела казна од 250 евра за родител чие дете се однесува насилно во училиште или одбива соработка со училиштето и надлежните институции.
Повод за новиот институционален притисок беше инцидентот во скопската населба Ченто, каде ученик беше тешко повреден со нож од врсник.
Според податоците од полицијата, само на 12 мај биле евидентирани четири физички напади врз малолетници, а во дел од случаите биле употребени и остри предмети.
Насилството сè почесто не завршува во училишниот двор, туку се снима и се споделува на социјалните мрежи, со што дополнително се продлабочува траумата кај жртвите.
Претседателот на Првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац, предупредува дека физичкото, психичкото, вербалното и дигиталното насилство е присутно во речиси сите училишта. Според него, реакциите често доцнат и доаѓаат дури по сериозни инциденти.
Министерството за образование годинава примило 41 пријава за врсничко насилство. Случаите можат да се пријавуваат во училиштата, во Државниот просветен инспекторат и директно во Министерството преку посебна електронска адреса.
Јаневска најави и враќање на дежурните наставници, лиценцирање на училишните психолози, формирање стручни тимови и подобрување на безбедносните механизми во училиштата.
Експертите предупредуваат дека насилството не може да се реши само со казни. Тие бараат поголемо присуство на стручни служби, рано препознавање на ризично однесување, подобра соработка меѓу училиштата, родителите, центрите за социјална работа и полицијата.
Адвокатката Маја Ристова во изјава за ДВ оценува дека врсничкото насилство не смее да се третира како „детска работа“, бидејќи последиците можат да бидат долгорочни и сериозни.
Професорот Илија Ацевски за ДВ вели дека дел од насилното однесување кај младите е поврзано и со прекумерната употреба на интернет и изложеноста на насилни содржини.
По инцидентот во Ченто, Локалниот совет за превенција во Општина Гази Баба препорача засилена контрола во училиштата, рано препознавање на ризични однесувања и построга примена на правилата за користење мобилни телефони.
Институциите порачуваат дека без соработка меѓу училиштата, родителите и системот за заштита на децата, насилството ќе продолжи да се повторува, а најголемата цена ќе ја плаќаат учениците.

