20.7 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Наставник од Битола цела година држел настава без да знае дека добил отказ

Наставникот по ликовно образование Стефан Поповски од Битола тврди дека цела учебна година работел во подрачно училиште во Битолско без да знае дека добил отказ и дека не прима плата и стаж.

Поповски, кој бил ангажиран во три основни училишта за да оформи полн фонд на часови, вели дека продолжил редовно да оди на работа во подрачното училиште во Горно Оризари при ООУ „Тодор Ангелевски“ во Битола, каде што држел четири часа неделно во шесто и осмо одделение.

Тој тврди дека имал пристап до електронскиот дневник, пишувал оценки, присуствувал на наставнички совети, се потпишувал за присуство и учествувал во училишни активности и натпревари.

„Веќе два месеци си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста никогаш веќе нема да работам во образование. Вчера крајно бев избркан од работа, дојдоа директорката на ООУ ‘Тодор Ангелевски’ Битола и подрачната директорка и ми забранија влез во училиштето“, изјави Поповски.

Тој додава дека дури неодамна открил дека од 29 јануари 2025 година бил избришан од платниот список.

Според него, училиштето сега му доставило решение за престанок на работен однос, но документот не бил потпишан од него и немал печат од тогашната директорка.

„Јас не знаев дека сум добил отказ, напротив продолжувам да држам часови, имам пристап до е-дневникот, пишувам оценки, одам на Наставнички совет, водам евиденција, сè како што прават и редовно вработените наставници“, вели Поповски.

Тој поставува прашање дали оценките што ги внел во електронскиот дневник се валидни, со оглед дека формално не бил вработен.

Поповски испратил писмено барање до училиштето за ретроактивна исплата на платите, додатоците и стажот.

Од ООУ „Тодор Ангелевски“ во кус одговор му соопштиле дека работниот однос му бил прекинат на 29 јануари 2025 година, без дополнително објаснување зошто и понатаму бил вклучен во распоредот, годишната програма и електронскиот дневник.

Случајот веќе е пријавен во Основното јавно обвинителство во Битола, а Поповски најавува судска постапка.

Од адвокатското друштво што го застапува соопштија дека се преземаат сите потребни мерки за заштита на неговите права.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, соопшти дека наложил општински инспектор за образование да ги провери наводите.

„Доколку се утврди дека наводите се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето“, наведе Коњановски.

Related posts

Општините во хаос: Дали блок дотациите за училиштата завршуваат во приватни џебови?

admin

МПЦ-ОА има право на протест, дури и кога греши

admin

Владата крие под кои услови Синохидро ја повлече тужбата за автопатот Кичево – Охрид

admin

Што им понуди Фон дер Лајен на Вучиќ и Курти?

admin

Бајден и Трамп победија на прелиминираните избори во Мичиген

admin

Николоски: Првите километри од автопатот Прилеп-Битола готови следната пролет

admin