Студентите Албанци во Северна Македонија најавија нов протест на 18 мај во Скопје, барајќи правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.
Протестот ќе започне кај Камениот мост во 16:30 часот, објави иницијативата „Студенти Албанци“ на социјалните мрежи. Еден од иницијаторите, Мевлан Адеми, во објава напиша: „Како нашите предци за овој аманет“.
Најавата доаѓа по протестот од 6 април, кога стотици студенти Албанци маршираа низ Скопје со барање за полагање на правосудниот испит на албански јазик и целосна примена на Законот за употреба на јазиците.
Во пресрет на новиот протест, на мост во Скопје беа поставени транспаренти со порака: „Ако мислевте дека запревме, се излажавте. Првиот го игнориравте, вториот доаѓа“.
Премиерот Христијан Мицкоски во средата изјави дека Владата работи на решение за ова прашање и побара трпение од студентите.
„Убеден сум дека многу брзо ќе излеземе со предлог-решение. Тоа ќе биде согласно препораките на Венецијанската комисија и меѓународните стандарди“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека постојат политички сили кои, според него, сакаат „конфликт, немири и протести“, наместо реформи и напредок.
Прашањето за употребата на албанскиот јазик во институциите и професионалните испити останува чувствителна политичка тема во земјата, особено по повеќегодишните дебати околу Законот за употреба на јазиците и уставните измени.

