Реконструкцијата на Владата на премиерот Христијан Мицкоски носи седум нови министри и една министерска рокада, со што се менува составот на осум ресори во извршната власт.
Според порталот Колегиум, кајголем дел од новите министри доаѓаат од академската заедница, јавната администрација и локалната самоуправа, додека дел веќе извршувале функции како заменици-министри, директори или владини координатори.
Јетон Шасивари – правда
За министер за правда е предложен универзитетскиот професор Јетон Шасивари, експерт по уставно право. Тој предава на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а бил ангажиран како експерт од поранешниот претседател Стево Пендаровски за време на ковид-кризата и како надворешен советник на поранешниот собраниски спикер Талат Џафери во процесот „Жан Моне“.
Агон Ферати – односи меѓу заедниците
Агон Ферати е магистер по бизнис администрација и досега работеше во Општина Тетово како советник за управување со проекти финансирани од Европската Унија. Имал и краток ангажман во УНОПС како експерт за европските интеграции.
Борче Серафимовски – земјоделство
Новиот министер за земјоделство, Борче Серафимовски, досега беше државен секретар во Министерството. Има академско образование стекнато во Македонија и Бугарија и докторирано во областа на организациските науки. Во биографијата наведува познавање на англиски, руски и бугарски јазик.
Сашо Клековски – здравство
Сашо Клековски од директорската функција во Фондот за здравствено осигурување преминува во Министерството за здравство. Иако е дипломиран доктор по медицина, неговата кариера главно е поврзана со граѓанскиот сектор, јавните политики и менаџментот, а претходно го водеше и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Ѓоко Велковски – социјална политика
Ѓоко Велковски, кој досега беше заменик-министер за социјална политика, повторно станува министер во истиот ресор. Претходно беше технички министер, секретар на Град Скопје во мандатот на Данела Арсовска и работеше во Министерството за труд и социјална политика.
Седат Сулејмани – култура и туризам
Седат Сулејмани од функцијата заменик-министер се унапредува во министер за култура и туризам. Тој претходно беше заменик-министер и во владата на СДСМ и ДУИ, а има диплома по педагошка теологија од Универзитетот „Улудаг“ во Бурса, Турција.
Ерџан Демир – министер без ресор
Ерџан Демир доаѓа од позицијата национален координатор во Владата за политики кон немнозинските заедници. Претходно бил член на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ и работел во невладиниот и приватниот сектор. По професија е дипломиран економист.
Иван Стоилковиќ – локална самоуправа
Единствената рокада во реконструкцијата е Иван Стоилковиќ, кој од Министерството за односи меѓу заедниците преминува на чело на Министерството за локална самоуправа. Лидерот на Демократската партија на Србите е пратеник од 2002 година, а од 2024 година е член на Владата.
Со реконструкцијата, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и коалициските партнери ја прераспределуваат одговорноста за повеќе ресори, додека новите министри треба да ја преземат функцијата по изборот во Собранието.

