21.8 C
Скопје
28 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Нов владин тим: Мицкоски ветува „нова енергија“, опозицијата зборува за политички маркетинг

Премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците изјави дека реконструкцијата на Владата има цел да внесе нова енергија, поголема одговорност и да го продолжи процесот на реформи, додека опозициските партии оценија дека станува збор за политичко прегрупирање.

Во експозето, Мицкоски рече дека од новите министри очекува конкретни резултати во ресорите што ќе ги водат.

За кандидатот за министер за правда, Јетон Шасивари, рече дека очекува да придонесе за правосуден систем „во кој правдата нема да биде привилегија“, додека од Агон Ферати, предложен за министер за односи меѓу заедниците, очекува зајакнување на меѓуетничката кохезија и доверба.

За Борче Серафимовски, кандидат за министер за земјоделство, Мицкоски изјави дека треба да ја продолжи поддршката за земјоделците, а за Сашо Клековски, предложен за министер за здравство, рече дека треба да ги продолжи реформите во здравствениот систем.

„Не барам доверба за поединци или за една политичка партија. Барам доверба за продолжување на процесот на реформи и развој на државата“, рече Мицкоски.

Пратениците од коалицијата ВЛЕН дадоа поддршка за кандидатот за министер за култура и туризам, Седат Сулејмани, наведувајќи дека како заменик-министер придонел за институционалното зајакнување на Ансамблот на албански песни и ора.

Опозицијата, пак, оцени дека реконструкцијата не носи суштински промени.

Пратеникот Халил Снопче рече дека Владата се обидува да ги оттргне граѓаните од реалните проблеми, споредувајќи ја политиката со концептот „леб и игри“.

Од Демократската унија за интеграција, Илир Хасани изјави дека реконструкцијата претставува продолжување на, како што рече, „политичкиот експеримент“ на коалицијата ВЛЕН, додека Илире Даути ја доведе во прашање распределбата на владините позиции.

Сања Лукаревска од СДСМ оцени дека останува отворено прашањето дали кадровските промени ќе бидат доволни за промена на политиките на Владата.

Пред расправата за изборот на новите министри, Собранието ги разреши министрите за здравство Азир Алиу, за правда Игор Филков, за земјоделство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, за култура и туризам Зоран Љутков, за социјална политика Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински и министерот без ресор Шабан Салиу.

Со изборот на новите министри треба да биде завршена реконструкцијата на Владата што ја иницираше премиерот Христијан Мицкоски.

Related posts

СДСМ ќе ја топи разликата, ВМРО-ДПМНЕ открива црни сценарија

admin

Северна Македонија постигна стратешки договор со Британија во вредност од 6 милијарди евра 

admin

Стејт департмент: Помалите верски групи се жалат дека МПЦ-ОА и ИВЗ имале повеќе права

admin

Азир Алиу тргнува во реформа на Брзата помош: Целта е побрз одговор и повеќе спасени животи

admin

Црвен тепих, воени почести и заедничка порака: Што договорија Си и Ким во Пјонгјанг?

admin

Брижит Макрон бесна поради пораки? Нова книга ја тресе француската политика

admin