36.8 C
Скопје
28 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Кој добива министерска фотелја по реконструкцијата на Владата

Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот ги претстави кандидатите за осум министерски функции, оценувајќи дека реконструкцијата треба да внесе нова енергија, побрзо темпо и поголема одговорност во Владата.

Собранието претходно разреши осум министри и двајца заменици, отворајќи го патот за избор на новите членови на извршната власт.

Мицкоски пред пратениците рече дека предложените министри имаат различни професионални искуства, но иста обврска – да работат чесно, одговорно и во интерес на граѓаните.

„Функциите не се стекнато право, туку обврска која секој ден повторно мора да се заслужува“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека реконструкцијата не треба да се толкува како крај на нечија политичка кариера, туку како обид за подобрување на резултатите и ефикасноста на институциите.

Шасивари предложен за правда, Клековски за здравство

За министер за правда е предложен универзитетскиот професор Јетон Шасивари. Според Мицкоски, од него се очекува академското и професионалното искуство да го насочи кон создавање правосуден систем во кој правдата ќе биде правило, а довербата на граѓаните постепено ќе се обновува.

Агон Ферати е предложен за министер за односи меѓу заедниците. Тој има искуство во европски проекти, локален развој и јавни политики.

За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен Борче Серафимовски, од кого премиерот очекува да ја продолжи поддршката за земјоделците и да отвори нов развоен циклус во секторот.

На чело на Министерството за здравство е предложен досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

„Здравството не е само систем на установи и процедури. Здравството е доверба и чувство на сигурност дека кога на човекот ќе му биде најтешко, државата ќе биде покрај него“, рече Мицкоски.

Клековски треба да го замени Азир Алиу, кој беше разрешен по околу 13 месеци на функцијата.

Нови министри за социјална политика, култура и локална самоуправа

Ѓоко Велковски, кој досега беше заменик-министер, е предложен за министер за социјална политика, демографија и млади.

За министер за локална самоуправа е предложен Иван Стоилковиќ, кој досега го водеше ресорот за односи меѓу заедниците.

Седат Сулејмани е предложен за министер за култура и туризам, откако претходно ја извршуваше функцијата заменик-министер во истиот ресор.

Мицкоски рече дека културата и туризмот треба да станат двигатели на новиот развоен циклус и да создаваат дополнителна економска вредност.

Ерџан Демир е предложен за министер без ресор, задолжен за интеграција на Ромите.

Осум разрешувања пред изборот на новите министри

Собранието претходно ги разреши министрите Игор Филков за правда, Цветан Трипуновски за земјоделство, Иван Стоилковиќ за односи меѓу заедниците, Азир Алиу за здравство, Зоран Љутков за култура и туризам, Фатмир Лимани за социјална политика, Златко Перински за локална самоуправа и Шабан Салиу, кој беше министер без ресор.

Разрешени беа и заменик-министрите Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани, кои сега се предложени за министри.

Премиерот рече дека Владата не смее да стане институција на комфор, туку мора да биде насочена кон резултати и спроведување на реформите.

„Не барам поддршка за поединци или за една политичка партија, туку за продолжување на процесот на реформи и развој на државата“, рече Мицкоски.

Опозицијата бара одговор зошто се менуваат „успешни“ министри

Опозициските пратеници оценија дека реконструкцијата е политички, а не кадровски потег и дека претставува дел од пошироко прегрупирање во владејачката коалиција.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, праша зошто се разрешуваат министри за кои власта претходно тврдеше дека постигнувале добри резултати.

Тој особено ја критикуваше состојбата во земјоделството, укажувајќи на проблеми со субвенциите и во повеќе земјоделски гранки.

Според Крмов, Министерството за земјоделство не треба да биде предмет на коалициски договори и политичка распределба на ресори.

Со гласањето за осумтемина предложени кандидати треба да биде заокружена реконструкцијата што ја иницираше Мицкоски, околу две години по формирањето на Владата.

Related posts

Вулканот во Камчатка еруптираше по 600 години, се очекува опасно цунами

admin

Мицкоски и Сиљановска-Давкова: Владата инвестира во инклузија и економска шанса за Ромите

admin

Стевче Јакимовски зад решетки: ГРОМ обвинува дека судот ги игнорирал лекарските извештаи

admin

Скопје ќе биде домаќин на лидерска средба за спроведување на Планот за раст на Западен Балкан

admin

Мицкоски: Дали Бугарија ќе испорача услови и за Албанија?

admin

Судири на протестите во Нови Сад, германските медиуми алармираат за полициска бруталност

admin