Српската полиција со специјалци и жандармерија доцна во петокот употреби солзавец за да растури демонстранти пред Универзитетот во Нови Сад, откако толпата почна да фрла камења, боја и пиротехника, според очевидци и локални медиуми.
Германската новинска агенција DPA, повикувајќи се на каналот N1, објави дека полицијата насилно го растурила мирниот собир на неколку илјади луѓе пред Филозофскиот факултет – епицентар на студентските протести што траат веќе десет дена.
Немирите уследија по месеци демонстрации, иницирани од уривањето на покривот на железничката станица во Нови Сад, што опозицијата и независни експерти го припишаа на негрижа и корупција под власта на претседателот Александар Вучиќ.
„Она што почна како главно мирен протест, во последниве недели сè повеќе се претвора во насилен, со сè пожестоки полициски интервенции,“ јави DPA.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека демонстрантите нападнале полицајци со проектили и пиротехника и дека се повредени 11 службеници. Вучиќ ги пофали полицајците дека „си ја вршеле работата“ и најави десетици апсења.
Германската јавна телевизија ARD објави прилог со наставници и новинари кои тврдат дека биле отпуштени или изложени на притисоци поради поддршка на протестите. Средношколската професорка Славица Филиповиќ рече дека е отпуштена по 24 години работа. „Се смеевме кога ме отпуштија, не затоа што беше смешно, туку затоа што си рековме: што ли играат?“ изјави таа за ARD.
ARD објави и детали за наводни политички влијанија врз медиумите, вклучително и протечен разговор меѓу раководители на државниот оператор Телеком Србија и United Group, сопственик на независниот канал N1, околу кадровски промени. „Луѓето во N1 се, секако, во тешка позиција, но се подготвени да го бранат правото да известуваат слободно,“ изјави програмскиот директор на N1, Игор Божиќ.
Европската унија досега избегнува директна критика кон Вучиќ за немирите и за обвинувањата за медиумски притисоци. Но германскиот европратеник Михаел Галер од Европската народна партија побара посилни услови од Брисел. „Особено за поголемите транши на европските фондови мора да се постават построги услови за медиумските слободи и борбата против корупцијата. Ако не се исполнат, тогаш не треба да има исплати,“ рече Галер.
Протестите, кои DPA опиша како најголеми во Србија од распадот на Југославија, ја зголемуваат политичката неизвесност во земјата пред можните предвремени избори, што опозицијата ги бара веќе со месеци.

