Советот за регионална соработка (СРС) во петокот објави повик за апликации за четвртото издание на Регионалната награда за иновации „Butterfly“, со која се наградуваат највлијателните и пазарно ориентирани решенија од Западен Балкан.
Најдобрите шест идеи, по една во секоја категорија, ќе бидат наградени со износ до 5.000 евра.
Категориите во кои може да се аплицира се: индустриска, зелена, STEM, младинска, универзитетска и женска иновација. Право на учество имаат поединци или тимови од регионот, со услов решенијата да покажуваат конкретно влијание во рамките на Западен Балкан.
Апликациите се отворени до 8 октомври 2025 година, на полноќ, додека добитниците ќе бидат објавени во ноември.
Лансирана во 2022 година, наградата „Butterfly“ досега препозна 18 иновативни решенија и се разви во регионална платформа за промоција на креативноста и економскиот напредок. Ова издание, според организаторите, има за цел дополнително да ја поттикне дигиталната трансформација, еколошката одржливост и инклузијата на младите и жените во иновативниот екосистем.
Наградата е финансирана од Европската унија и се имплементира од СРС, како дел од Акцискиот план за Заеднички регионален пазар за Западен Балкан.

