Европската Унија денеска го одбележува Денот на Европа, кој годинава се слави по 40-ти пат, со настани низ земјите членки и пораки за единство, мир и идно проширување на Унијата.
Датумот 9 мај се поврзува со Шумановата декларација од 1950 година, која се смета за почеток на европската интеграција и создавањето на денешната Европска Унија.
Годинашното одбележување се совпаѓа и со 40 години од приклучувањето на Шпанија и Португалија во ЕУ, како и четири децении од првите официјални прослави на Денот на Европа.
Во Брисел, Европскиот парламент ги отвори вратите за посетители, а претседателката Роберта Мецола порача дека Европа мора да остане обединета во услови на геополитички тензии и безбедносни предизвици.
Европската комисија, Советот на ЕУ и Европската служба за надворешни работи организираа јавни настани, изложби, дебати и концерти, додека бројни европски институции и знаменитости беа осветлени во боите на ЕУ.
Според најновата анкета на Евробарометар, речиси три четвртини од Европејците сметаат дека нивната земја има корист од членството во Унијата, а 75 проценти се чувствуваат како граѓани на ЕУ.
Во пораките по повод Денот на Европа, повторно беше нагласена важноста на проширувањето и поддршката за земјите кандидати.
Хрватското Министерство за надворешни работи оцени дека Европската Унија мора да остане отворена за сите европски држави што сакаат да ги споделуваат европските вредности.
Во таа насока беше поздравена и одлуката за отворање преговори со Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина.
Пораките за проширување се значајни и за Северна Македонија, која и натаму останува кандидат за членство во ЕУ, но со блокиран напредок поради спорот со Бугарија и условот за уставни измени.
Во Бугарија, Денот на Европа беше одбележан со церемонија на подигање на знамето на ЕУ пред претседателската институција, на која присуствуваше потпретседателката Илијана Јотова.
Таа порача дека Бугарија останува дел од европското семејство и дека Европа мора да остане симбол на демократија, мир и солидарност.
Од Брисел, пак, дојдоа пораки дека во време на војни, енергетски кризи и растечки безбедносни закани, европското единство е поважно од кога било.

