НАТО ќе мора да се трансформира во суштински поинаква алијанса за да преживее во услови на зголемен притисок и критики од Соединетите Американски Држави, оценува поранешниот американски амбасадор во НАТО, Иво Далдер, во анализа за „Политико“.
Според него, иако алијансата може да опстане, тоа нема да биде истата организација која постои повеќе од седум децении, особено поради сè поострата реторика на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во повеќе наврати ја нарече НАТО „застарена“ и „хартиен тигар“, а неодамна ја доведе во прашање и посветеноста на САД кон колективната одбрана, особено по одбивањето на некои европски сојузници да се приклучат на воените операции против Иран.
Иако американскиот претседател формално не може лесно да ја повлече земјата од алијансата без одобрение од Конгресот, Далдер предупредува дека постојат бројни начини на кои Вашингтон може да ја ослабне НАТО одвнатре.
Меѓу нив се намалување на американското воено присуство во Европа, повлекување од командните структури на алијансата и блокирање на одлуки кои бараат консензус меѓу членките.
„Постојат многу начини да се еродира НАТО – или барем американската посветеност кон колективната одбрана“, наведува Далдер.
Во анализата се истакнува дека европските сојузници досега безуспешно се обидувале да го убедат Трамп во важноста на алијансата, преку зголемување на воените трошоци и дипломатски напори.
Според авторот, пред европските земји сега стојат три опции: да го „преживеат“ периодот до евентуална промена на американската администрација, да изградат целосно независен европски одбранбен систем или да ја трансформираат НАТО во алијанса со помалку централна улога на САД.
Далдер оценува дека создавањето чисто европска одбранбена структура би било нереално на краток рок, поради недостиг на оперативни и институционални капацитети.
Како најизводлива опција ја посочува трансформацијата на НАТО во „поевропска“ алијанса, во која европските членки и Канада би презеле поголема улога во безбедносната архитектура.
Во последните месеци, европските земји веќе ги зголемуваат буџетите за одбрана, ги зајакнуваат воените капацитети и започнуваат нови форми на соработка, вклучително и заеднички набавки и развој на воена технологија.
Сепак, трансформацијата ќе бара време – најмалку неколку години – додека безбедносните закани, особено од Русија, остануваат актуелни.
„Повеќе европска НАТО е одамна потребна. Иако е жално што оваа промена доаѓа под притисок, на крајот може да ја направи алијансата посилна“, заклучува Далдер.

