Во сопственичките структури на македонските компании лиценцирани за одгледување медицински канабис досега се појавиле лица со сомнителни врски од балканското криминално милје, што отвори прашања за тоа дали индустријата се користи како легална параван за трговија со марихуана, пишува Дојче Веле во својата анализа „Меделин“ за почетници или трговска база на Балканот.
Инцидентите следат по откривањето на пет тони марихуана во близина на Крушевац, Србија, за кои постои сомнеж дека пристигнале од Македонија. По оваа заплена, македонските власти спроведоа активности за заплена на десетици тони поради сомнежи за незаконско складирање и пуштање во промет. Премиерот Мицкоски објави снимки од запленетите количини на својот профил на Фејсбук и оцени дека се работи за резултат на „погрешни политики“ кои не би сакале да се повторуваат.
За да се спречи нелегално производство и пласман, Владата на вчерашната седница донесе два заклучоци: вонредни контроли на сите правни лица со дозвола за медицински канабис и формирање на меѓуресорска државна комисија за борба против недозволено производство и трговија со дрога.
Правилникот од декември 2023 година, потпишан од тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити, дозволува одгледување на канабис „на отворено“ под таканаречена „атмосферска заштита“, што експертите го критикуваат како ризично и несоодветно за медицински цели. Според соговорници на Дојче Веле, ова отвора можност за производство на канабис за други цели, а не за фармацевтска употреба.
Неколку контроли открија голем број на нелегално одгледувани растенија. Во село Оровник, општина Дебрца, во 2022 година беа констатирани 2.388 растенија на отворено, двојно повеќе од пријавеното, како и неовластена екстракција на масло од канабис. Во акцијата биле пронајдени и пет странски државјани ангажирани без документи.
Случајот со запленетата марихуана во Србија е поврзан со македонски лица, вклучувајќи го Иван Драгниќ, сосопственик на „Алфафарм“ Скопје, и Александар Мијајловиќ од „Грин лајф“ Валандово. Според истражување на БИРН, нивните фирми се дел од регионалната мрежа за производство и пласман на медицински канабис.
Од 2021 година, големи пратки на сув цвет канабис се увезувале од Лесото и Јужна Африка, со намена за екстракција и продажба во западна Европа, во соработка со лиценцирани македонски компании, што дополнително ја потврдува комплексноста и потенцијалната ранливост на секторот за злоупотреби.
Според Дојче Веле, индустријата со медицински канабис во Македонија сè уште се наоѓа на крстопат меѓу легално регулиран бизнис и можност за криминална експлоатација, отворајќи прашања за контролата и регулацијата на овој профитабилен сектор.

