Србија обезбеди ново продолжување на американското изземање од санкции за Нафтената индустрија на Србија (НИС), компанија во мнозинска руска сопственост, со што таа ќе може да продолжи да увезува сурова нафта до 30 септември, објави Ројтерс.
Српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ соопшти дека лиценцата издадена од американската Канцеларија за контрола на странски средства – OFAC, овозможува непречено снабдување на пазарот додека траат преговорите за долгорочно решение за НИС.
НИС управува со единствената рафинерија во Србија и покрива околу 80 отсто од домашната побарувачка за нафтени деривати, поради што продолжувањето на лиценцата е од клучно значење за енергетската стабилност на земјата.
Американските санкции беа воведени минатиот октомври како дел од пошироките мерки против рускиот енергетски сектор поради војната во Украина. Вашингтон побара рускиот удел во компанијата да биде намален.
Газпром Нефт и Газпром заедно контролираат околу 56 отсто од НИС, додека српската држава поседува 29,9 отсто. Остатокот е во сопственост на мали акционери и вработени.
Според Ѓедовиќ Хандановиќ, преговорите меѓу унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ и Газпром Нефт за продажба на рускиот мнозински удел се во завршна фаза.
„Новото продолжување на лиценцата е сигнал дека има напредок и подготвеност да се обезбеди дополнително време за завршување на оваа сложена трансакција“, рече министерката.
OFAC веќе неколкупати ѝ даваше на НИС привремени изземања од санкциите, овозможувајќи ѝ да продолжи да увезува сурова нафта преку хрватскиот нафтовод ЈАНАФ.
Ситуацијата дополнително ја усложнуваат ниските водостои на Дунав. Според Ројтерс, другите испораки на гориво за Србија во јули паднале на околу една четвртина од планираното месечно ниво, бидејќи шлеперите и танкерите можеле да превезуваат само околу една третина од вообичаениот товар.
Продажбата на рускиот удел на МОЛ сега се смета за клучна за трајно отстранување на ризикот НИС повторно да се најде под целосни американски санкции.

