13.8 C
Скопје
28 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Од Охридскиот договор до ЕУ: Експерти во Скопје отворија дебата за следните 25 години

Достигнувањата и слабостите во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, политичката застапеност, општествената кохезија и иднината на односите меѓу заедниците беа во фокусот на меѓународната конференција „ОРД 25+: Лекции, наследства, хоризонти“, одржана на 24 и 25 септември во Скопје.

Конференцијата ја организираа Pro Peace и Институтот „Макс ван дер Штул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), со поддршка на Владата на Северна Рајна-Вестфалија.

Настанот се одржа во година кога се навршуваат 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој во 2001 година беше ставен крај на вооружениот конфликт во земјата, но и 25 години од основањето на УЈИЕ.

Арифи: Различноста е една од предностите на УЈИЕ

Во име на Универзитетот, пред учесниците се обрати проф. д-р Беса Арифи, советничка за односи со заедниците и меѓународни односи.

Таа ја истакна симболиката на двете годишнини, оценувајќи дека развојот на Универзитетот во изминатите две и пол децении е тесно поврзан со процесите што следуваа по Охридскиот рамковен договор.

Според Арифи, УЈИЕ претставува институционален модел изграден врз почитување на различностите и соживотот меѓу заедниците.

Таа оцени дека различноста не е само карактеристика на Универзитетот, туку една од неговите клучни предности и дел од неговата институционална култура.

Беџети, Креци и Халили на дебатата за управувањето и застапеноста

Претставници на УЈИЕ учествуваа и на панелот „Управување, застапеност и политички контекст“.

На панелот како експерти учествуваа академик проф. д-р Абдилменаф Беџети и проф. д-р Вели Креци, директор на Институтот „Макс ван дер Штул“, додека д-р Албулена Халили, научна соработничка во Институтот, учествуваше како главна говорничка.

Во текот на дводневната конференција, претставници на академската заедница, јавните институции и граѓанското општество разговараа за тоа што е постигнато во 25-те години по Охридскиот договор, кои проблеми остануваат нерешени и со какви предизвици се соочува земјата во односите меѓу заедниците.

Дел од дискусиите беа посветени на справувањето со минатото, управувањето и политичката застапеност, општествената кохезија, како и на улогата на уметноста и културата во постконфликтната трансформација.

Посебно внимание беше посветено и на идните чекори кон европската интеграција и изградбата на покохезивно, поинклузивно и порамноправно општество.

Во организацијата беа вклучени и студенти од Скопскиот кампус на УЈИЕ, кои учествуваа во техничката реализација на конференцијата.

 

Related posts

Алијансата за Албанците го одреди списокот на кандидати за четири општини

admin

Само двајца министри уредно го пријавиле својот имот

admin

Полска бара построги визи за Русите и ограничување на движењето на руските дипломати во ЕУ

admin

Кошта ја пресече дилемата? Филипче тврди дека останал само еден услов за ЕУ

admin

Речиси 14 години цела плата за стан во Скопје, во Тирана е уште потешко

admin

Каква „честитка“ ќе стигне до Судскиот совет?

admin