20.9 C
Скопје
21 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Од јаглен и челик до Европска Унија: Големиот европски пресврт

Европа денеска одбележува 76 години од Шумановата декларација – историскиот документ што го означи почетокот на европската интеграција и создавањето на Европската Унија.

Декларацијата беше претставена на 9 мај 1950 година од тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман, само пет години по крајот на Втората светска војна.

Основната идеја беше преку заедничко управување со производството на јаглен и челик да се спречи нов конфликт меѓу Франција и Германија – двете држави кои со децении беа историски ривали.

„Обединувањето на европските нации бара елиминирање на старите спротивставувања меѓу Франција и Германија“, стои во декларацијата.

Шуман предложил создавање Европска заедница за јаглен и челик, во која првично учествувале Франција, Западна Германија, Италија, Белгија, Холандија и Луксембург.

Таа заедница подоцна станала темел на денешната Европска Унија.

Во декларацијата се наведува дека Европа нема да се создаде „одеднаш или според единствен план“, туку преку конкретни достигнувања што постепено ќе создадат вистинска солидарност меѓу народите.

Според Шуман, економското поврзување требало да стане гаранција дека нова војна меѓу европските држави ќе биде „не само незамислива, туку и материјално невозможна“.

Текстот денес повторно добива актуелност во услови на војна во Украина, геополитички тензии и дебати за иднината на Европската Унија и нејзиното проширување.

Во пораките по повод Денот на Европа, европските институции повторно нагласија дека Унијата мора да остане простор на мир, демократија и солидарност.

Хрватското Министерство за надворешни и европски работи оцени дека ЕУ треба да остане отворена за сите европски држави кои ги споделуваат европските вредности.

Во таа насока беше поздравено отворањето преговори со Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина.

Пораките се важни и за Северна Македонија, која и натаму останува кандидат за членство во Европската Унија.

Иако евроинтегративниот процес е блокиран поради спорот со Бугарија и условот за уставни измени, европските институции и натаму испраќаат пораки дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ.

Денот на Европа официјално се одбележува од 1985 година, а денес се слави низ цела Европа со концерти, дебати, изложби и отворање на институциите за граѓаните.

Пораката на Шуман и по повеќе од седум децении останува иста – дека мирот, стабилноста и развојот можат да се одржат само преку соработка и заедничка европска иднина.

Related posts

Северна Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница во ОН

admin

По децении запоставеност, конечно нов пат до најпознатата атракција на Охридското Езеро

admin

Бугарски медиум: „Северномакедонски партнери“ не е навреда

admin

Капетановиќ: Регионалната соработка клучна за кредибилен пат кон ЕУ

admin

Фон дер Лајен нема да присуствува на дебатата за недоверба во Европскиот парламент

admin

Трагедијата на Фросина Кулакова и повикот за правда

admin