Виш јавен обвинител од Битола е осомничен дека ја користел службената положба и своето влијание за да интервенира кај судии и обвинители во најмалку четири кривични предмети, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Против обвинителот е поведена постапка поради сомнение за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Според Обвинителството, во текот на истрагата биле применувани посебни истражни мерки, преку кои биле обезбедени докази за неговото постапување.
Досега прибраните докази, според обвинителите, укажуваат дека осомничениот го користел своето реално влијание и службената положба за да влијае врз одлуки во најмалку четири одделни предмети на подрачјето каде што ја извршувал функцијата.
Ургирал за пониски казни и поповолна положба
Обвинителството соопшти дека осомничениот ургирал за изрекување поблаги казни или за обезбедување поповолна процесна положба на осомничени и обвинети лица.
По судска наредба биле извршени претреси во неговиот дом и во службените простории на Вишото јавно обвинителство во Битола, со цел обезбедување дополнителни докази.
Медиумите објавија дека при претресите биле одземени телефони, компјутер и други електронски уреди, додека Обвинителството засега не објавува повеќе детали за доказите поради истрагата.
Без притвор, но со забрана за работа
Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје го прифатил предлогот за мерки на претпазливост.
На обвинителот му е одземена патната исправа и му е забрането да презема определени службени активности, со што практично е отстранет од работното место додека трае постапката.
Против решението е дозволена жалба до Кривичниот совет.
Се проверува дали случајот е поврзан со предметот „Марковски компани“
Случајот привлече дополнително внимание поради претходната одлука за враќање на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, обвинет во предмет поврзан со јавна набавка во РЕК „Битола“.
Според претходно објавените информации, Основното јавно обвинителство Струга било против враќањето на пасошот, додека од Вишото јавно обвинителство Битола било дадено позитивно мислење.
По враќањето на патната исправа Марковски ја напуштил земјата преку „Табановце“, а подоцна било соопштено дека се вратил.
Обвинителството засега не соопштува дали овој случај е еден од четирите предмети за кои се истражува влијанието на осомничениот обвинител.

