Координативната средба на опозициските партии за усогласување ставови околу измените на Изборниот законик не се одржа, откако на состанокот не присуствуваше претставник на СДСМ.
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, изјави дека средбата е одложена поради отсуството на социјалдемократите и дека засега нема одлука дали ќе биде свикана нова средба или дали таа би се одржала без учество на сите опозициски партии.
По одложувањето, Левица ја обвини СДСМ дека пропуштила можност за усогласување на заеднички опозициски став за изборните реформи. Од партијата наведоа дека СДСМ не понудил јасна позиција за клучните прашања, вклучително и предлогот за една изборна единица.
СДСМ, пак, претходно соопшти дека нема да учествува на иницијативата, оценувајќи ја како „театар за јавноста“ и политичка игра во корист на власта. Од партијата посочија дека нивните предлози за измени на Изборниот законик веќе се доставени во Собранието и дека се насочени кон обезбедување фер и транспарентни избори и спречување злоупотреби, особено при гласањето на дијаспората.
Иницијативата за координативна средба ја покрена Левица, откако Владата ја повика опозицијата да постигне консензус за изборните измени пред натамошната парламентарна постапка. Според Левица, целта била опозициските партии да изградат единствен предлог за реформите во изборното законодавство.

