Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека Балканот има потреба од „дебалканизација преку европеизација“, повикувајќи на обновување на духот на регионалната соработка и забрзување на европската интеграција на регионот.
Говорејќи на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, таа оцени дека во услови на длабоки геополитички трансформации, безбедносни, економски и социјални предизвици, меѓусебната доверба, кохезијата и дијалогот се предуслови за одржлив мир, стабилност и развој.
„Укажав на потребата од оживување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз коишто пред три децении беше воспоставен овој процес“, напиша Сиљановска-Давкова по самитот.
Таа предупреди дека регионот се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои иселувањето на младите, стареењето на населението, економското заостанување и сложените геополитички околности, оценувајќи дека тие бараат одговорно лидерство и заеднички пристап.
Повикувајќи се на мислата на бугарскиот писател Георги Господинов дека „кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“, претседателката порача дека Балканот мора да се сврти кон иднината.
„Предупредив на потребата од дебалканизација преку европеизација. Успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион, а натпреварот да се води во знаење, иновации, култура и економски развој, наместо во блокади и поделби“, истакна таа.
Сиљановска-Давкова нагласи дека процесот на проширување на Европската Унија треба да се темели на Копенхашките критериуми и на принципот на заслуги, а не на билатерални спорови.
На самитот во Софија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека Северна Македонија очекува предвидлив европски пат и гаранции дека по почетокот на преговорите нема да се појавуваат нови условувања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот.
„Нашата цел не е само да ги отвориме пристапните преговори, туку и успешно да ги затвориме. За тоа е важно да знаеме дека нема да има дополнителни условувања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот“, изјави Муцунски.
Учесниците на самитот ја потврдија поддршката за европската интеграција на регионот, добрососедските односи и продлабочувањето на регионалната соработка. Во усвоената заедничка декларација беше нагласена потребата од посилна економска поврзаност, поголема отпорност кон безбедносните предизвици и забрзување на реформите како предуслов за побрза интеграција во Европската Унија.

