Демократската унија за интеграција (ДУИ) во вторникот објави рамковна спогодба за јавна набавка за која тврди дека отвора прашања за управувањето со стратешки енергетски проекти и можни штети врз јавниот буџет.
Според документот, договорот е склучен меѓу АД МЕПСО, оператор на електропреносниот систем во државна сопственост, застапуван од генералниот директор Бурим Латифи, и компанијата „Елнос БЛ“ ДООЕЛ Скопје, како изведувач.
Предмет на спогодбата се „градежни и електромонтажни работи при интервенции на далекуводи“, согласно тендерска документација со број на оглас 23514/2025. Договорот е рамковен, што значи дека реализацијата ќе се врши по поединечни нарачки, а нарачателот нема обврска да ја искористи целосната предвидена вредност.
Во договорот е наведено дека максималната вредност изнесува 9.840.000 денари без ДДВ, односно 11.611.200 денари со ДДВ, а времетраењето е 36 месеци од денот на потпишување.
Спогодбата предвидува плаќање во рок од 30 дена по доставување фактура за извршени работи, како и гарантен рок од 24 месеци за изведените активности. Дополнително, договорот содржи клаузули за подизведувачи, при што нивниот вкупен удел не смее да надмине 30% од вредноста на договорот.
Во делот за изведба, се наведува дека работите ќе се реализираат по трасите на преносната мрежа на МЕПСО, со задолжителен технички надзор, а за евентуални доцнења или неисполнување се предвидува договорна казна од 5% од вредноста на договорот без ДДВ.
ДУИ во соопштението тврди дека процесот на избор на изведувачот не бил транспарентен и дека компанијата има врски со политички кругови во Република Српска, вклучително и со луѓе блиски до Милорад Додик.
Партијата наведува дека ваквите договори, според нивните проценки, може да предизвикаат штета од најмалку 6 милиони евра врз државниот буџет, иако таков износ не е наведен во објавената спогодба.
ДУИ побара итна и независна истрага, целосно објавување на документацијата и утврдување политичка и правна одговорност.
Од партијата додаваат дека граѓаните имаат право на транспарентност и отчетност во трошењето на јавните средства.

