Индекс на политички интегритет [1]
Случај #7– Вицепремиерот за добро владеење – Арбен Фетаи
Вовед
Случајот се однесува на медиумски извештаи и јавни изјави според кои вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи подолг период не присуствува на работа и не учествува во седниците на Владата, и покрај тоа што формално ја извршува функцијата и прима плата. Овој случај отвора прашања за одговорноста во извршувањето на службените обврски и почитувањето на принципите на добро владеење, особено затоа што овој вицепремиер е задолжен во својот мандат да спроведува политики за добро владеење.
Оценување на политичкиот интегритет: Скандал (–9)
Категорија: Заштита на јавен интерес
Повеќекратните јавни наводи за отсуство од работа и неизвршување на основните службени обврски, редовно примање плата и отсуство на јасна институционална реакција, укажуваат на сериозни сомнежи за почитување на принципите на отчетност и одговорност. Иако нема информации за формална правна постапка со исклучок на изјава на премиерот Мицкоски за потенцијална идна функција, сериозноста и континуитетот на наводите во јавниот простор ја нагласуваат потребата од институционално постапување. Согласно Законот за Владата, функционерите ја извршуваат својата функција сè додека формално Собранието не изгласа нов мандат за друго лице, и истиот не биде верификуван.
Дополнителна тежина има фактот што станува збор за функционер чиј ресор е токму доброто владеење, што ја засилува очекуваната одговорност и стандард на однесување.
Согласно методологијата, ваквата состојба се квалификува како „Скандал“ со вредност –9.
Клучни аргументи
- Наводи за подолгорочно отсуство од работното место
Според јавните изјави и медиумските извештаи, вицепремиерот Арбен Фетаи не доаѓа на работа во Владата подолг временски период и не учествува на седници на Владата, што претставува клучен дел од неговите обврски. - Примање плата без видливо извршување на функцијата
Во јавноста се изнесуваат информации дека и покрај отсуството, вицепремиерот продолжува да прима плата. - Отсуството без официјално образложение
Во дел од изјавите се наведува дека вицепремиерот не е во државата, без јасно и официјално образложение. Во контекст на отсуството, постои негова јавна објава во која тој се наоѓа во Тајланд, но без официјално образложение. - Отсуство на институционална реакција
Не се забележуваат конкретни мерки или постапки за утврдување одговорност, што укажува на слабости во механизмите на контрола и отчетност. Дополнително, постои Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата, чија примена е во надлежност на вицепремиерот за добро владеење. Во овој контекст, се појавува ситуација во која носителот на оваа надлежност е предмет на наводите, што дополнително ја усложнува потребата од институционална реакција.
I. Препорака во насока на заштита на интегритетот
- Вицепремиерот за добро владеење да поднесе оставка од морални причини
- Владата јавно да се произнесе за случајот, да обезбеди транспарентност и да преземе конкретни мерки за утврдување одговорност
- Да се воспостават јасни механизми за следење на присуството и работата на носителите на јавни функции
- Да се преземат соодветни институционални мерки доколку се утврдат неправилности
II. Препораки според одредбите од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата:
Пријавување на сомнеж за судир на интереси (извадок од Кодексот)
Член 22
На барање на членовите на Владата, замениците на министрите и другите именувани функционери од Владата, по сопствена иницијатива или по допрен глас, лицето за советување за примена на Кодексот, ќе ги советува за било какво прашање на однесување и етичко прашање поврзано со овој кодекс и ќе даде генерални препораки за понатамошно постапување.
Носителите на извршни функции соработуваат со членот на Владата одговорен за следење на спроведување на Кодексот и му ги прават достапни сите релевантни информации кои тој ќе ги побара, освен оние кои имаат карактер на класифицирани информации.
Носителите на извршни функции веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на сторување или сознание за непочитување на одредбите од овој кодекс, го информираат претседателот на Владата и членот на Владата одговорен за следење на спроведување на Кодексот, во случај на постоење сомнеж кој се однесува на примената на овој кодекс при извршување на функцијата односно должноста.
Препорака согласно член 22: навремено реагирање и активирање на институционалните механизми во ситуации кои можат да го нарушат интегритетот на функцијата и институцијата.
Препорака согласно член 22: членовите на Владата да постапуваат согласно овие одредби, односно да пријавуваат случај и да се активираат предвидени постапки со цел да се применува доследно Кодексот.
Мерки во случај на непочитување на Кодексот (извадок од Кодексот)
Член 23
Во случај на непочитување на одредбите од овој кодекс, членот на Владата одговорен за следење на спроведување на Кодексот, писмено го опоменува носителот на извршната функција дека го прекршил Кодексот и му укажува во рок од три дена од доставувањето на опомената да го поправи однесувањето.
Доколку носителот на извршна функција во рокот од ставот 1 на овој член, не го поправи однесувањето, членот на Владата одговорен за следење на спроведување на Кодексот, доставува мислење до претседателот на Владата, врз основа на кое претседателот на Владата може да одлучи да примени некоја од следниве мерки:
– официјална критика во јавноста за однесувањето на лицето кое не го почитувало овој кодекс и укажување да го поправи однесувањето при што истата може и да ја објави на веб-страницата на Владата,
– политичка одговорност, односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување и/или
– покренување на иницијатива за информирање на надлежни институции, најдоцна во рок од еден месец од денот на дознавањето за непочитувањето на овој кодекс, закон, особено Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Законот за заштита на укажувачи и Законот за лобирање.
Препорака член 23: да се постапи согласно предвидените мерки со цел заштита на интегритетот на јавната функција и на Владата како институција.
Документот е подготвен од Форум за разумни политики (ФРП) како дел од нашата долгорочна работа на развој и одржување на Индексот за политички интегритет. Анализата се темели на јавно достапни податоци во медиумите и утврдени критериуми на индексот.
[1] Методологија на „Индекс на политички интегритет“

