Македонија се подготвува за една од најголемите реформи во итната медицинска помош во последните децении. Министерот за здравство Азир Алиу, во емисијата “Ноќно студио” на 4ТВ, најави дека лекарите постепено ќе бидат заменети со парамедици во теренските екипи на Брзата помош, додека докторите ќе бидат пренасочени кон болниците, специјализациите и супспецијализациите каде што недостигот од кадар е најголем.
Според Алиу, реформата не е домашен експеримент, туку модел преземен од развиените здравствени системи ширум светот.
„Ништо не размислуваме од нула, туку едноставно преземаме добри практики од земјите. Во светот веќе не можете да видите доктор кој работи во Брза помош. Затоа воведуваме парамедици, со цел докторите да одат во здравствените институции, на специјализации и супспецијализации каде што се најпотребни“, изјави министерот.
Во моментов секој тим на Итната медицинска помош е составен од лекар, медицинска сестра и возач. Новиот модел предвидува овие улоги постепено да ги преземат специјално обучени парамедици, кои ќе се школуваат преку тригодишни студии и ќе бидат оспособени за брза реакција, тријажа, стабилизација на пациентите и давање прва медицинска помош до пристигнување во болница.
Паралелно со кадровските промени, Владата веќе ја усвои иницијативата за формирање самостоен Центар за Итна медицинска помош во Скопје. Новата институција ќе функционира независно од здравствените домови и ќе управува со сите екипи преку централизиран команден систем.
Реформата има за цел да го намали времето на одзив, кое според Министерството во одредени случаи достигнува и до 30 или 40 минути. За споредба, во Словенија просечното време за пристигнување на екипа на Итната помош изнесува меѓу седум и осум минути.
Новите амбулантни возила ќе бидат опремени со современ софтвер за следење и навигација, како и со камери што ќе овозможат видео-комуникација во реално време со специјалисти од клиниките.
Тоа значи дека доколку парамедиците на терен се соочат со сложена здравствена состојба, ќе можат веднаш да добијат инструкции од кардиолози, хирурзи, анестезиолози или други специјалисти кои ќе ја следат интервенцијата од болница.
Од Министерството за здравство велат дека новиот модел се базира на искуствата од земјите каде итната медицинска помош функционира како самостојна служба, со јасна командна структура и високо обучени парамедицински тимови.
Покрај организациските промени, се очекува реформата да помогне и во решавањето на долгогодишниот недостиг на медицински кадар во болниците, каде лекарите ќе можат да се фокусираат на специјализирана здравствена грижа наместо на теренски интервенции.
Новата законска и административна рамка е во подготовка, а првите чекори од имплементацијата на системот се очекуваат во наредните месеци. За здравствените власти, целта е јасна – побрза реакција, подобра организација и повеќе спасени животи.

