7.8 C
Скопје
5 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Владата и невладините во клинч – соработка на „стаклени нозе“

Граѓанскиот сектор ја бојкотира Владата откако прераспределбата на буџетски пари за НВО од 2022 година на нетранспарентен начин се дадени на Министерството за политички систем. Се жалат дека Владата ги исклучува од дебатите за важни закони. Од Владата молк за се помалата соработка со невладините.

Соработката меѓу Владата и невладините организации (НВО) буквално е на стаклени нозе. Иако во земјава имаме и Совет за комуникација на Владата со граѓанското општество, кој е составен дел од Одделението на Генералниот секретаријат во Владата за соработка со невладиниот сектор, сепак тој речиси две години практично е во бојкот, а недостатокот на комуникација меѓу Владата и граѓанскиот сектор си го зема данокот на терен, се жалат невладините со кои разговаравме.

Причина за нефункционирањето на Советот, што пак, е директна причина зошто сега Владата и НВО се послабо соработуваат, всушност лежи во тоа што Владата при прераспределбата на буџетските средства за 2022 година, донесе одлука парите за Невладиниот сектор од таа година да ги прераспределува Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а не Генералниот секретаријат на Владата, како што тоа било случај од формирањето на советот.

Невладиниот сектор на неколку седници на Советот барал одговори од владините функционери за ваквата одлука, а откако не добиле одговор, тие решаваат да го бојкотираат Советот. Се жалат и дека премиерот Димитар Ковачевски воопшто не комуницира со претставниците на граѓанскиот сектор и покрај дописите да се разговара за проблемот.

Ова тело на хартија се уште функционира и во тек е неговиот втор мандат, а тоа нема преземено никакви активности уште од почетокот на минатата година, додека последната седница на советот, која беше бојкотирана од граѓанскиот сектор, била одржана пред една година или на 6 октомври 2022.

Советот, кој претставува микс помеѓу функционери од различни институции и претставници од невладиниот сектор, беше формиран во 2018 година од владата предводена од СДСМ и ДУИ, која тогаш во јавноста се промовираше како Влада која го цени мислењето на невладиниот сектор и значително повеќе комуницира со граѓанските организации во однос на претходниот владин состав, кој дури вршеше притисоци врз дел од граѓанските организации.

Борба против корупција без невладин сектор

Како последен пример за нарушената соработка меѓу Владата и НВО, за граѓанскиот сектор, претставува состанокот на работното меѓуресорско тело за координација на активностите против корупцијата, одржан на 9 октомври годинава, без учество на ниту една една граѓанска организација.

Ова тело беше формирано со одлука на Влада во јули годинава, негова примарна цел е јакнење на меѓу-институционалната соработка и координација на активностите во делот на антикорупцијата, а со него претседава вицепремиерката задолжена за добро владеење Славица Грковска.

Формирањето на меѓуресорско тело без учество на невладиниот сектор, според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, претставува вистински преседан. Тој забележува и дека во последно време се почесто се случува невладиниот сектор да биде исклучен од важни дебати.

„Секојдневно слушам колеги од невладини организации, а тоа е и наше искуство, кои се жалат дека некоја консултација или координација минала без да бидат вклучени или поканети од страна на владини тела. Сметам дека во време на толку активни граѓански организации во борбата против корупцијата, кога има и толку активна и организирана платформа на граѓански организации во борбата против корупцијата, кога имаме и каква-таква координација со вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, навистина е неприфатливо каква и да е средба или тело кое се формира во ваков формат со заедничка основа антикорупција, да се случи без учество на граѓанските организации“, вели Филков.

Камиловска: Недостасува реална соработка со владините институции

Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) посочува дека освен тоа што одлуката за финансирање Владата ја донела без никаква консултација со членовите на Советот, подоцна не им дала ниту образложение зошто буџетскиот корисник за НВО од 2022 година ќе биде одредено Министерство, а не генералниот секретаријат на Владата. Таа додава и дека за оваа година воопшто не биле предвидени средства од буџетот за граѓанските организации.

„Ако имаме предвид дека Министерството за политички систем има доста мали надлежности, се поставуваше прашањето како се носи оваа одлука, бидејќи ова е преседан – постои програма на Влада, постои договор за соработка со граѓански сектор, па од каде и на кој начин се избегнуваат сите принципи и Владата решава да го промени овој принцип на финансирање, што секако не е во духот на соработката“, прашува Трповска.

Токму промените во начинот на финансирањето на невладините од страна на Владата ја руши целата соработка, па според Камиловска, од тогаш па наваму, граѓанските организации постојано се во втор план – се консултираат доцна или воопшто не се консултирани.

„Во многу случаи во последна фаза сме биле вклучени во одредени процеси, таков е и последниот пример со предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Имено, граѓанскиот сектор по реакција во медиумите побара од вицепремиерката Грковска да бидеме вклучени и добивме објаснување дека тоа ќе се случи кога ќе дојде време и кога тоа ќе може да се сподели со нас. Официјално известување за да бидеме вклучени во оваа работна група добивме кон средината на август и од нас беше побарано за еден месец да се „дотера“ веќе предложеното решение и тоа да биде официјалниот предлог. Верувајте, кој и да е, за еден месец, тоа е само техничка, козметичка измена на еден таков закон“, објаснува Камиловска.

И од Владата и од Министерството за политички систем побаравме одговори за односот со граѓанскиот сектор – На кој начин е избран буџетскиот корисник за 2022 година за Советот, зошто премиерот и други владини претставници не одговараат на повиците на Советот, како и тоа зошто Владата не ги вклучува целосно во својата работа невладините и ги става на страна во важни дебати, но до објавување на овој текст не добивме одговори.

И Блупринт групата откажа соработка

Дека меѓу граѓанските организации и Владата навистина „врие“, пример е и повлекувањето на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството од давање на свој придонес во процесот на изработка на новиот Кривичен Законик.

Главна причина поради која овие граѓански организации јавно соопштија дека излегуваат од подготовката на овој закон, всушност истакнаа дека е поради последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, а за кои измени од Блупринт групата велат дека се донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик.

Поради поплаки дека Владата не ги зема предвид нивните консултации или доцна ги консултира, Блупринт групата претходно се повлече и од давање свој придонес во работната група за изработка на нацрт предлогот за Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.

Се приближува и рокот за избор на новиот состав на Антикорупциската комисија а невладините организации со законот е пропишано дека треба да учествуваат во процесот за избор на кандидати. И покрај тоа што Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор скоро две години не функционира сепак претставници од таму за избор на членови на ДКСК ќе има. Велат дека нема да дозволат тоа да влијае врз процесот за избор на ДКСК бидејќи станува збор за процес кој е од поголемо значење за државата и нема да дозволат изборот на ДКСК да биде заложник на нивната несоработка со Владата.

Извор: РСЕ

Related posts

НА СЕКОЈ СААТ ИМА НОВИ ВОЗДУШНИ НАПАДИ ВРЗ ХЕРСОН, ВЕЛИ ЗЕЛЕНСКИ

ninja

Трагедија во Либија: 5.100 загинаа, тела се насекаде, внатре во куќите, на улиците, на море

admin

Подобрата распределба на парите го изедначува статусот на мажите и жените: Какви се капацитетите на македонските институции?

admin

Кога Лукашенко го повика Пригожин, германските шпиони ги прислушувале

admin

ЛИКОВНА КОЛОНИЈА ГАЛИЧНИК 2023: Колонизација/Деколонизација на природата

admin

Алиу: Балансерот за етнички вработувања треба да се замени

admin