Министерот за здравство Азир Алиу во средата изјави дека Северна Македонија останува посветена на регионалната соработка во здравството, најавувајќи регионална конференција на министрите за здравство од Југоисточна Европа што ќе се одржи во септември под покровителство на Светската банка.
Алиу се обрати на отворањето на 49-та пленарна седница на Мрежата за здравство на Југоисточна Европа, која се одржува во Скопје под претседателство на Израел.
На состанокот учествуваат шефови на делегации, претставници на меѓународни организации и здравствени експерти од земјите членки, додека дел од министрите и високите претставници се вклучија преку видеообраќања.
Во фокусот на пленарната седница се дигиталните иновации во здравството, унапредувањето на улогата и лидерството на медицинските сестри, како и подготвеноста и отпорноста на здравствените системи за справување со кризни и вонредни ситуации.
„Северна Македонија останува посветена на зајакнување на регионалната соработка и размената на искуства во здравствениот сектор“, рече Алиу.
Тој најави дека во септември ќе биде организирана регионална конференција на министрите за здравство од земјите во регионот, со поддршка на Светската банка, со цел продлабочување на соработката и размена на добри практики во здравствените политики.

