Европскиот парламент во средата го усвои годишниот извештај за Северна Македонија, задржувајќи ја референцата на Вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија и повикот за конкретни резултати од работата на Заедничката историска комисија.
Европратениците го отфрлија амандманот на известувачот за Северна Македонија, Томас Вајц, со кој се бараше бришење на ставот 73 од резолуцијата. Во спорниот дел се повикува Историската комисија да ја темели својата работа врз објективни и автентични историски извори и документи, а останува и формулацијата за „заедничка историја“.
Вајц изјави дека извештајот препознава напредок во повеќе области, но истовремено укажува на потребата од дополнителни реформи.
„Извештајот детално ги разгледува областите во кои се постигнува напредок и покажува дека земјата јасно се движи по патот кон Европската Унија. Истовремено, укажува дека сè уште постои потреба од одредени реформи“, рече Вајц.
Во документот повторно се нагласува дека владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата остануваат клучни предизвици за земјата.
Извештајот посочува и дека уставните измени остануваат предуслов за отворање на пристапните преговори со Европската Унија.
„Советот на Европската Унија ја деблокираше можноста за почеток на преговорите преку договор со тогашната влада, која се согласи да ја прифати оваа уставна промена и вклучувањето на малцинствата. Владата може во секое време да ја иницира оваа постапка во Собранието“, изјави Вајц.
Во Софија, бугарските политички претставници ја поздравија одлуката на Европскиот парламент да ги задржи референците за Вториот протокол и за работата на Историската комисија.
Конечната верзија на извештајот предупредува дека, и покрај одреден напредок, реформската агенда се соочува со застој, а институционалните слабости и недостигот од политичка волја продолжуваат да ја поткопуваат довербата во институциите.
Патот до усвојувањето на извештајот беше проследен со интензивни дебати меѓу европратениците. Бугарските претставници бараа измени во деловите што се однесуваат на македонскиот јазик и идентитет, вклучително и предлог за користење на формулацијата „современ македонски јазик“, но тие предлози не добија поддршка.
Извештајот беше усвоен откако претходно доби поддршка во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

