Опозициската партија Левица во вторникот соопшти дека изјавите на поранешниот претседател Стево Пендаровски претставуваат потврда оти ВМРО-ДПМНЕ активно учествувала во обезбедувањето кворум за усвојување на контроверзните измени на Кривичниот законик, со кои беа намалени казните за дел од кривичните дела поврзани со злоупотреба на службената положба.
Реакцијата следува по интервјуто на Пендаровски за „360 степени“, во кое тој говореше за разговор со тогашниот премиер Зоран Заев околу измените на членот 353 од Кривичниот законик. Според Левица, од неговите изјави произлегува дека тогаш било обезбедено мнозинство за усвојување на законските измени и дека постоела гаранција за обезбедување кворум и во случај на претседателско вето.
„Ова признание доаѓа како директна потврда на она што Левица го говореше уште во моментот на носењето на измените – дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се политички противници кога станува збор за заштита на криминалот“, соопшти партијата.
Левица тврди дека со измените биле погодени голем број судски предмети и дека дел од поранешните функционери избегнале понатамошен кривичен прогон. Партијата ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека и денес продолжува со политики кои, според нив, доведуваат до намалување на одговорноста за корупција и злоупотреби во јавниот сектор.
Во интервјуто за „360 степени“, Пендаровски не зборуваше за политички договор меѓу партиите, туку го спомена контекстот во кој биле носени измените на Кривичниот законик и политичките разговори што ги водел како претседател на државата.
Измените на Кривичниот законик, усвоени во 2023 година, предизвикаа силни реакции од антикорупциските организации, правните експерти и меѓународните партнери на земјата. Критичарите предупредуваа дека намалувањето на казните и промените во роковите на застарување може да влијаат врз тековни и идни постапки за висока корупција.
ВМРО-ДПМНЕ досега ги отфрлаше обвинувањата дека измените биле донесени со цел заштита на поранешни или актуелни функционери, додека СДСМ тврдеше дека измените биле дел од усогласување на законодавството со европските практики.

