Најмалку 32 лица загинаа, а стотици се повредени откако два силни земјотреси ја погодија Венецуела, предизвикувајќи уривање на десетици згради во главниот град Каракас и околните области, додека спасувачките екипи трагаат по преживеани под урнатините.
Привремената претседателка Делси Родригез прогласи вонредна состојба и предупреди дека бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми.
„Ги повикуваме граѓаните да останат смирени и веднаш да ги напуштат оштетените објекти“, изјави Родригез во телевизиско обраќање.
Според Геолошкиот институт на САД (USGS), земјата била погодена од два последователни земјотреси – првиот со јачина од 7,2 степени, а 39 секунди подоцна втор, посилен потрес од 7,5 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот бил во близина на градот Морон, на карипскиот брег, западно од Каракас, на длабочина од 13 километри.
USGS предупреди дека се очекуваат „голем број жртви и големи материјални штети“, оценувајќи дека катастрофата најверојатно има широко регионално влијание.
Најголеми разурнувања се регистрирани во Каракас, каде што се урнаа повеќе станбени згради. Во населбите Алтамира, Чакао, Барута и Сан Бернардино спасувачите извлекуваат преживеани од урнатините, додека семејствата ги бараат своите блиски.
Меѓународниот аеродром „Симон Боливар“ во Маикетија е затворен поради сериозни оштетувања, а прекинат е и железничкиот и метро-сообраќајот.
Особено погоден е крајбрежниот град Ла Гуаира, каде што се урнати хотелски и станбени објекти, како и делови од воената поморска академија.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени да ѝ помогнат на Венецуела во справувањето со последиците од катастрофата.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело предупреди дека се очекуваат силни последователни потреси, кои можат дополнително да ги оштетат веќе разнишаните објекти.
Американската амбасада во Каракас ги повика своите државјани да избегнуваат оштетени подрачја и да не влегуваат во згради што претрпеле штети.
Спасувачките операции продолжуваат, а властите предупредуваат дека конечниот биланс на жртви и материјална штета ќе биде познат дури по завршувањето на пребарувањето на урнатините.

