Новиот клинички центар во Скопје најисплатливо и најсоодветно би било да се гради во близина на Градската општа болница „8 Септември“, изјави министерот за здравство Азир Алиу на брифинг со новинарите по повод една година од преземањето на функцијата.
Алиу рече дека анализите покажале оти оваа локација нуди најдобри услови од финансиски и инфраструктурен аспект, но нагласи дека паралелно ќе продолжат инвестициите во постојниот комплекс „Мајка Тереза“, бидејќи изградбата на новиот клинички центар ќе трае повеќе години.
„Не е трошење пари за џабе“, изјави министерот, осврнувајќи се на тековните вложувања во постојните здравствени установи.
Како дел од реформите во здравствениот систем, Алиу информираше дека на дел од клиниките веќе е воведен систем за евиденција преку отпечаток од прст, а во тек се подготовки за поширока дигитализација на здравствените услуги и управувањето со пациентите.
Тој најави и подобрување на инфраструктурата во јавните здравствени установи, вклучително и реконструкција на санитарните јазли на Клиниката за онкологија и изградба на дополнителен кат за проширување на капацитетите.
Осврнувајќи се на изминатата година, Алиу оцени дека е прерано да се зборува за целосно трансформиран здравствен систем, но нагласи дека е воспоставена јасна стратегија за идните реформи.
„Периодот од една година е прекраток за да кажеме дека денес имаме здравствен систем што е суштински различен од вчера. Но денес имаме јасна слика за состојбите и јасна цел каде сакаме да стигнеме преку инфраструктурни реформи, развој на човечките ресурси, нови технологии и дигитална трансформација“, рече министерот.
Според него, најважниот резултат од првата година не се само поединечните проекти што се започнати, туку насоката во која се движи здравствениот систем.
Алиу најави дека на 24 јуни во Брисел Северна Македонија официјално ќе стане полноправна членка на програмата EU4Health, најголемата здравствена програма на Европската Унија.
„Пристапувањето кон EU4Health ќе биде најсилна потврда дека домашните реформи добиваат европска рамка и дека Македонија станува дел од најголемата здравствена програма на Европската Унија. Ова е отворање на европска здравствена врата за нашите институции, здравствени установи, академската заедница, професионалните организации и пациентските здруженија“, рече Алиу.
Тој додаде дека ако првата година од мандатот била година на поставување на правецот, втората ќе биде година на искористување на можностите што ги нуди програмата и активно вклучување во европските здравствени процеси.
EU4Health располага со буџет од 4,4 милијарди евра за периодот 2021-2027 година, а членството ќе овозможи пристап до европски грантови, јавни набавки, заеднички акции и партнерства.
Министерот нагласи дека најголемата вредност на програмата не се само финансиските средства, туку пристапот до европски стандарди, знаење, експертски мрежи и заеднички здравствени политики.
„Оваа програма отвора можности за проекти во дигиталното здравство, European Health Data Space, превенција, скрининг, ментално здравје, подготвеност за кризи, пристап до лекови и зајакнување на здравствениот кадар“, рече Алиу.
Според него, следниот чекор е изградба на оперативен капацитет за подготовка на конкретни проектни апликации преку кои земјата ќе може да ги користи европските фондови.
Тој додаде дека пандемијата покажала оти ниту една држава не може сама да одговори на сите здравствени предизвици, поради што членството во EU4Health претставува важен чекор кон поголема здравствена безбедност заснована на европска солидарност, координација и заеднички ресурси.

