Посилната соработка меѓу институциите, граѓанското општество и регионалните иницијативи е клучна за заштита и унапредување на родовата еднаквост во услови на растечка политичка и општествена неизвесност, беше заклучено на Форумот за родова еднаквост 2026, што се одржа во Сараево во рамките на Берлинскиот процес.
Советот за регионална соработка (РСС) учествуваше на форумот преку Јона Хадери, експертка за следење и известување задолжена за агендата за економско зајакнување на жените.
Форумот, чиј домаќин беше Босна и Херцеговина во рамките на претседавањето на Црна Гора со Берлинскиот процес во 2026 година, собра претставници на владите, граѓанското општество, академската заедница, меѓународните организации и регионалните иницијативи.
Под мотото „Напредок под притисок: Унапредување на родовата еднаквост во Западен Балкан“, учесниците разговараа за тоа како да се зачува и унапреди постигнатиот напредок во услови на растечка поларизација и отпор кон политиките за еднаквост.
„Родовата еднаквост не може да се третира одвоено од пошироката трансформација на регионот. Таа е поврзана со начинот на кој нашите општества растат, носат одлуки и одговараат на предизвиците“, изјави Хадери.
Според неа, форумот претставува важна платформа што ги обединува институциите, граѓанското општество, регионалните партнери и жените лидери, овозможувајќи премин од заеднички грижи кон заеднички решенија.
„За РСС, подобрувањето на пристапот на жените до финансии, пазари и можности е суштински дел од зајакнувањето на конкурентноста, отпорноста и одржливиот економски раст во шесте економии на Западен Балкан“, додаде таа.
Дискусиите беа фокусирани на улогата на родовата еднаквост во контекст на инклузивниот економски раст, институционалната отпорност, безбедноста, конкурентноста, како и зелената и дигиталната транзиција.
Учесниците нагласија дека е неопходно не само да се зачува досега постигнатиот напредок, туку и да се изградат посилни врски меѓу институциите, граѓанските организации и регионалните мрежи.
Форумот за родова еднаквост, кој годинава се одржа по трет пат, прерасна во важна платформа во рамките на Берлинскиот процес за развој на регионални иницијативи, зајакнување на партнерствата и координација на заедничките политики.
На форумот му претходеа две регионални иницијативи организирани од РСС во Сараево – церемонијата за избор на „Жени претприемачки на годината од Западен Балкан за 2026 година“ и состанокот на Мрежата на жени дипломатки, кои дополнително ја нагласија улогата на жените во економскиот и политичкиот развој на регионот.

