19 C
Скопје
12 јули, 2026
Inbox7.mk
СТАВ

Структурен приод кон социјалното претприемништво

Пишува: Ристе Косотовски

Социјалното претприемништво е организирана дејност чија цел, покрај остварувањето добивка, е и решавање на некој социјален, односно општествен проблем.

Социјалното претприемништво е важно за општествениот развој низ неколку димензии. Имено, најпрво позитивно влијае на пазарот на труд, односно вработува луѓе, ја стимулира креативноста што треба да доведе до социјални иновации и претставува инструмент за намалување на сиромаштијата, социјалната исклученост и енергетската сиромаштија.

Низ овие макроекономски димензии, социјалното претприемништво позитивно влијае врз економскиот развој.

Во однос на состојбите во Македонија, постои огромен потенцијал за развој на овој модел. Имено, во Македонија постојат бројни општествени и социјални проблеми, при што како алатка за нивно решавање би можело да се користи социјалното претприемништво – преку вклучување на маргинализираните групи на пазарот на труд, развој на руралната економија, решавање еколошки проблеми и слично.

Тоа е потенцијалот. Во однос на состојбите во Македонија, постои одредена поставена инфраструктура за развој на социјалното претприемништво. Постои стратегија за развој и низа публикации со препораки, но, за жал, сѐ уште не е донесен Закон за социјални претпријатија, со цел точно да можат, преку соодветни мерки, да се таргетираат, диференцираат и поддржат социјалните претпријатија.

Покрај законот, за развојот на социјалното претприемништво потребно е и јакнење на свеста за бенефитите од овој бизнис-модел. Исто така, покрај поддршката на централно ниво, потребна е континуирана соработка на социјалните претпријатија со планските региони, а уште повеќе со општините, бидејќи овие претпријатија се важни за развојот на локалната економија.

Во системот на поддршка потребно е креирање различни финансиски инструменти за поддршка на овие претпријатија, како и структурирана поддршка во оперативниот дел – промоција, пристап до медиуми, јакнење на капацитетите во однос на лидерството, оперативното и стратешкото планирање.

Во овој дел е потребна поширока рамка за поддршка на социјалната и солидарната економија, како и на различните модели на задруги и задругарство, кои можат да го поддржат и руралниот развој.

Поддршката треба да биде насочена кон полесно вклучување на социјалните претпријатија во синџирите на снабдување на конвенционалните бизниси на локално ниво.

Во последниов сегмент, со цел интегрирање на потребите на социјалните претпријатија и нивно полесно поврзување со конвенционалните бизнис-модели, минатата недела на една конференција истакнав дека социјалните претпријатија треба да размислат за коморски пристап кон вмрежувањето, каде што на кохерентен начин би се овозможил трансфер на знаење за јакнење на нивната конкурентност.

Related posts

Од денес сме поделени

admin

За извештајот до скрининг процесот за Северна Македонија

admin

Од болката да создадеме живот

admin

Пушење – здравствена и економска цена што ја плаќаме сите

admin

Музеј на беззаконие и неказнивост

admin

Систем за подршка на мали и средни претпријатија во Македонија

admin