Италија им се придружи на Бугарија во изразувањето резерви кон предлогот на Европската унија да воведе санкции против поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, објави „Политико“, повикувајќи се на тројца европски дипломати запознаени со разговорите.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, предложи воведување забрана за влез во ЕУ за патријархот Кирил како дел од 21-от пакет санкции против Русија. Кирил во повеќе наврати јавно ја поддржа и оправда руската инвазија врз Украина.
Сепак, иницијативата наиде на противење од Бугарија, која има значајно православно население, како и на резерви од Италија. Во дипломатскиот речник, „резерва“ означува загриженост што треба да биде надмината, но не претставува формално вето.
Според еден од дипломатите, загриженоста на Рим е поврзана со ставовите на Ватикан и произлегува од чувствителноста околу санкционирањето на поглавар на христијанска верска заедница. Италијанската мисија при ЕУ одбила да ги коментира информациите.
Паралелно, европските дипломати разговараат и за предлогот да се замрзне ревизијата на ценовниот лимит за руската нафта, кој моментално изнесува 44 долари за барел. Канцеларијата на Калас предлага одложување на ревизијата, која треба да се случи во средината на јули и која автоматски би довела до зголемување на лимитот доколку не биде донесена нова одлука.
Грција, Малта и Кипар, земји со значајни поморски индустрии кои учествуваат во транспортот на руска нафта, се спротивставиле на одложувањето на ревизијата, велат истите извори.
Дополнителни несогласувања предизвикал и предлогот за забрана за влез во ЕУ на поранешни руски борци, кон кој резерви изразиле Франција и Италија.
Дваесет и првиот пакет санкции, кој Калас го претстави на 9 јуни, е насочен кон рускиот воено-индустриски и финансиски сектор што ја поддржува војната во Украина. Според европските претставници, санкциите и украинските напади врз руската нафтена инфраструктура веќе создаваат сериозен притисок врз руската економија, при што две третини од руските региони се соочуваат со проблеми во снабдувањето со гориво.

