ДУИ соопшти дека коалицијата ВЛЕН, наместо да одговори на забелешките за предложениот Закон за правична и соодветна застапеност, се служи со клевети и политички напади.
Од партијата посочуваат дека министерот Горан Минчев изјавил оти законот може да биде донесен и со „мал Бадентер“, додека вицепремиерот Изет Меџити јавно ја повикал албанската опозиција да го поддржи законското решение. Според ДУИ, тоа покажува дека ВЛЕН нема доволен етнички легитимитет и потребен број пратеници за обезбедување Бадентерово мнозинство.
ДУИ соопшти дека нема да поддржи закон кој, според нив, не предвидува обврзувачки механизми, санкции и гаранции за спроведување на правичната и соодветна застапеност, туку неговата примена ја остава на методологии што дополнително ќе ги утврдува Владата.
„Одбраната на Охридскиот рамковен договор и уставните гаранции не е блокада, туку политичка и национална одговорност“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се додава дека ВЛЕН претходно ветувал механизам „посилен од Балансерот“, а сега предлага закон кој, според ДУИ, е послаб од постојното решение.
ДУИ оценува дека интересите на Албанците не се штитат со политичка пропаганда, туку со законски решенија што обезбедуваат реални гаранции, правна сигурност и спроведливи механизми. Партијата додава дека, доколку ВЛЕН смета дека предложениот закон е добар, треба самостојно да го брани пред јавноста, наместо да бара поддршка од опозицијата.

