Европската Унија останува цврсто определена Северна Македонија да стане нејзина членка, но патот кон членството зависи од исполнувањето на реформите, владеењето на правото и преземените обврски, порача евроамбасадорот Михалис Рокас.
Во интервју за „Риштази“ на весникот на албански јазик „Коха”, Рокас рече дека целосно го разбира разочарувањето на граѓаните по повеќе од две децении чекање.
„Поминаа 21 година откако Северна Македонија доби кандидатски статус и луѓето со право прашуваат дали членството некогаш ќе се случи“, изјави Рокас.
Тој оцени дека проширувањето на Европската Унија денес се наоѓа во најповолниот момент од големото проширување во 2004 година, особено по руската инвазија врз Украина.
„Сите ѕвезди се наредени. Постои исклучителен моментум и проширувањето стана прашање од стратешко значење за самата Европска Унија“, рече Рокас, посочувајќи на иницијативите на Германија, Франција и други земји-членки за забрзување на процесот.
Сепак, тој потсети дека членството останува политичка одлука што бара едногласна согласност од сите држави-членки, поради што никој не може однапред да гарантира конкретен датум за прием.
Уставните измени остануваат услов
Осврнувајќи се на домашната политичка дебата, Рокас беше дециден дека уставните измени остануваат дел од договорот меѓу Северна Македонија и Европската Унија.
„Уставните измени се дел од договорот меѓу Северна Македонија и Европската Унија. На државата е да одлучи дали и како ќе го спроведе тој договор. Тоа е суверена одлука“, изјави тој.
Според него, иако односите меѓу Скопје и Брисел се одлични, тие не можат да ги заменат придобивките што ги носи полноправното членство.
„Членството ќе донесе повеќе европски фондови, повеќе економски придобивки и ќе ја трансформира перспективата на земјата како дел од европското семејство“, рече Рокас.
Независното судство останува клучен услов
Евроамбасадорот предупреди дека политичкото влијание врз судството останува една од најголемите слабости што Европската комисија ги нотира во своите извештаи.
„Политичките интервенции во судството остануваат сериозен проблем. Судството мора да биде слободно да одлучува без политички притисоци“, нагласи Рокас.
Тој додаде дека независноста не може да се обезбеди без доволно финансиски средства и човечки ресурси.
„Ако сакаме судство што испорачува резултати, тоа мора да има доволно судии, обвинители, административен кадар, технологија и финансии“, рече тој.
Рокас потсети дека судската власт во моментов располага со околу половина од средствата што ѝ се гарантирани со Уставот, што директно влијае врз ефикасноста на системот.
Тој ги повика и политичарите да се воздржат од јавни коментари за судските постапки, оценувајќи дека довербата во институциите може да се врати само преку независно и ефикасно судство.
„Без владеење на правото нема успешни реформи, а без реформи нема успешен пат кон Европската Унија“, порача Рокас.

