Концертот на американскиот рапер Канје Вест, закажан за 11 јули во Тирана, предизвика остар политички судир во Албанија откако премиерот Еди Рама потврди дека државата обезбедила четири милиони евра за неговата реализација.
Рама изјави дека средствата биле одобрени во последен момент за да не се загрози одржувањето на концертот и оцени дека настанот ќе донесе значителни економски придобивки и ќе ја промовира Албанија како туристичка дестинација. Според него, околу 25.000 странски посетители од 80 земји веќе купиле билети, а Владата проценува дека концертот може да генерира економски ефект од околу 100 милиони евра.
Опозициската Демократска партија остро ја критикуваше одлуката. Пратеникот Белинд Келиќи ја обвини Владата дека користи пари од даночните обврзници за финансирање приватен концерт, оценувајќи дека вистинската штета за угледот на земјата доаѓа од, како што наведе, владините корупциски скандали, а не од евентуално откажување на музички настан.
Концертот ќе се одржи на привремениот „Игл стадион“ во близина на автопатот Тирана–Драч, со капацитет од околу 60.000 посетители. Организатор е берлинската компанија „Streetlife“, која претходно организирала концерти на светски музички ѕвезди како 50 Cent, Drake, Snoop Dogg, Kendrick Lamar и Nicki Minaj.

