ВЛЕН го обвини поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи за дволичност, откако тој побара од албанските власти да ја преиспитаат одлуката со која на имамот Бекир Халими и активистот Валон Бела им е забранет влез во Албанија.
„Бујар Османи се обидува да создаде впечаток дека застанал во ‘одбрана’ на имамот Бекир Халими и активистот Валон Бела, откако двајцата беа прогласени за ‘нон грата’ од Владата во Тирана, барајќи одлуката да биде преиспитана“, соопшти ВЛЕН.
Коалицијата го обвини Османи дека неговата реакција е лицемерна, употребувајќи ја народната изрека: „Ноќе те убива, дење те оплакува“.
ВЛЕН тврди дека Османи и ДУИ имале влијание врз одлуката на албанските власти за Халими и Бела.
„Ниту Халими, ниту Бела не се ставени на ‘црната листа’ на Рама без влијание на Бујар и ДУИ“, се наведува во реакцијата.
Коалицијата не понуди докази за ова тврдење, ниту наведе конкретни информации кои би покажале дека Османи или ДУИ учествувале во донесувањето на одлуката на албанските власти.
ВЛЕН го поврза случајот и со постапувањето на Османи во минатото, вклучително и со случајот „Монструм“, обвинувајќи го дека во различни периоди застапувал спротивставени позиции. И за овие тврдења во соопштението не се приложени докази.
Коалицијата дополнително оцени дека последните реакции на Османи се последица на неговиот изборен пораз во Чаир и неможноста, како што наведува, да го прифати својот политички пад.
„Со политичари како Бујар, кои денес зборуваат едно, а утре постапуваат спротивно, ДУИ нема иднина и долго ќе остане во опозиција“, соопшти ВЛЕН.

