Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен во секое време да разговара со бугарскиот премиер Румен Радев за надминување на спорот што го блокира продолжувањето на евроинтеграциите на Северна Македонија, но нагласи дека евентуална средба треба да има јасна цел и содржина.
Засега нема официјална најава за средба Мицкоски-Радев.
„Подготвен сум во кое било време на средба, но не било каква“, рече Мицкоски, оставајќи отворена можност за директен политички дијалог со Софија.
Неговата изјава повторно го отвора прашањето дали уставните измени, вклучително и можноста тие да бидат усвоени со одложено дејство, би можеле да се вратат на преговарачката маса како дел од обидите за деблокирање на пристапниот процес.
„Ќе разговараме додека не најдеме решение“
Мицкоски рече дека политиката се темели на разговори и дека Владата нема намера да го прекине дијалогот.
„Јас сум од оние политичари кои сакаат да разговараат додека не се постигне решение“, рече тој.
Премиерот, сепак, нагласи дека Владата има „црвени линии“ во однос на евентуалниот компромис со Бугарија.
„Знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ќе се обидеме да го најдеме решението“, рече Мицкоски.
Северна Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот како услов за отворање на следната фаза од преговорите со ЕУ, согласно преговарачката рамка договорена во 2022 година.
Владата на Мицкоски досега одбиваше да ги спроведе измените без дополнителни гаранции дека Софија нема повторно да го блокира процесот поради билатерални прашања.
Мицкоски го отвора и прашањето за Македонците во Бугарија
Мицкоски рече дека македонскиот Устав обезбедува високо ниво на заштита на заедниците, вклучително и на бугарската, но оцени дека истото не важи за Македонците во Бугарија.
„Нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница“, рече премиерот.
Тој го поврза прашањето со положбата на луѓето во Бугарија кои се изјаснуваат како Македонци, тема која Скопје сè почесто ја поставува во политичките пораки кон Софија и Брисел.
Времето за проширување може да биде ограничено
Мицкоски предупреди и дека актуелниот политички момент во Европската Унија, во кој проширувањето повторно е високо на агендата, можеби нема да трае долго.
Тој посочи дека идните политички случувања и изборите во големите членки, особено Германија и Франција, можат да влијаат врз европскиот интерес за проширување.
Мицкоски рече дека неговиот кабинет одржува директни контакти со кабинетите на германскиот канцелар Фридрих Мерц и француското раководство во обид да се најде решение за продолжување на македонскиот европски пат.
Засега, сепак, нема сигнал дека Софија е подготвена да прифати промена на веќе договорената европска преговарачка рамка. Прашањето останува дали директен политички договор меѓу Скопје и Софија би можел да произведе формула која истовремено ќе ги исполни европските услови и „црвените линии“ на Владата.

