Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија го критикуваше неинтонирањето на албанската химна на настан во Пустец, на кој присуствуваше премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски, оценувајќи го случајот како „сериозен пропуст“ и отстапување од протоколот и добрососедските практики.
На настанот, одржан во четвртокот и посветен на македонската култура, била интонирана химната на Северна Македонија, но не и химната на Албанија, објави Радио Слободна Европа.
„Тоа е сериозен пропуст и отстапување од пишаните и непишаните правила на пристојност и протокол“, соопшти албанското Министерство за Европа и надворешни работи.
Министерството додаде дека почитувањето на ваквите правила е и основа на добрососедството и здравите односи меѓу народите и државите.
Настанот бил организиран од локално здружение, но според албанското МНР, присуството на високи институционални претставници и локални избрани функционери му дало јавен карактер.
Рама: „Циркус на балканскиот национал-фолклоризам“
На случајот реагираше и албанскиот премиер Еди Рама, кој ситуацијата ја нарече „пародија“.
Рама рече дека за Албанија малцинствата не се статистика, туку „национално богатство“, а случајот во Пустец го стави во поширок контекст на регионалните националистички тензии.
Тој го критикуваше она што го нарече „циркус на балканскиот национал-фолклоризам“, порачувајќи дека Албанија не треба да одговара на ваквите појави со иста националистичка реторика.
Мицкоски објави фотографии и пораки од посетата на Пустец и средбите со македонската заедница, но, според Радио Слободна Европа, до објавувањето на текстот не реагирал на критиките на албанското МНР околу химната.
Тој Македонците во Албанија ги нарече дел од „националното ткиво“ и повика на обединување околу националните интереси, иднината на децата и почитувањето на историјата и достоинството.
Пустец во центарот на македонско-бугарскиот спор за идентитетот
Пустец е единствената општина во Албанија во која македонската заедница е мнозинство. Посетата на Мицкоски доаѓа во период кога идентитетот и бројноста на македонското и бугарското малцинство во Албанија се дел од поширок политички спор.
Според пописот во Албанија од 2023 година, 2.281 лице се изјасниле како Македонци, што претставува пад од 59 отсто во однос на околу една деценија претходно.
Истовремено, 7.057 лица се изјасниле како Бугари, категорија која првпат беше вклучена во пописот откако бугарското малцинство беше официјално признаено во Албанија во 2017 година.
Претставници на македонската заедница ги оспоруваа резултатите, тврдејќи дека дел од населението кое традиционално се идентификувало како македонско било регистрирано како бугарско. Бугарските претставници, пак, резултатите ги толкуваа како потврда за присуството на нивната заедница во Албанија.

