Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, за време на тајна посета на Москва оваа недела предложил организирање трилатерална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обид повторно да се придвижат преговорите за завршување на војната во Украина, објави „Аксиос“, повикувајќи се на два извора запознаени со разговорите.
Посетата претставува прво директно вклучување на Ретклиф во дипломатските напори за постигнување пробив меѓу Москва и Киев.
Според изворите, една од целите на мисијата била да се утврди дали раководителите на руските разузнавачки служби можат да влијаат врз Путин за обновување на преговорите со Украина со американско посредство.
Ретклиф во вторникот отпатувал во Москва, каде што се сретнал со директорот на руската Служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, и со директорот на Федералната служба за безбедност, Александар Бортников.
ЦИА одбила да ја коментира посетата.
Зеленски бил информиран
Американски претставници во петокот го информирале Зеленски за разговорите на Ретклиф во Москва, вклучително и за предлогот за самит на тројцата претседатели.
Вашингтон и претходно ја разгледуваше можноста за таква средба. Зеленски ја поддржува идејата, додека Путин досега ја одбиваше.
Според „Аксиос“, Ретклиф во Москва ја отворил и можноста за повторно активирање на мировните преговори.
Трамп за медиумот изјавил дека посетата на директорот на ЦИА била „стандардна работа“ и дека нејзината цел не била да се предупреди Русија против напад врз територија на НАТО.
Според извори на „Аксиос“, Ретклиф по средбите оценил дека Бортников би можел да одигра конструктивна улога во обновувањето на дипломатскиот процес.
Киев се сомнева во намерите на Путин
Дипломатската иницијатива доаѓа во момент кога украинските власти изразуваат сериозни сомневања дека Москва навистина се подготвува за компромис.
Заменик-шефот на кабинетот на Зеленски, Павло Палиса, во петокот изјави дека украинските разузнавачки информации укажуваат оти Путин наредил подготовка на повеќе оперативни сценарија за офанзива во северна Украина, при што Киев и Чернигов се меѓу клучните можни правци.
Овие украински тврдења не се независно потврдени.
Преговорите меѓу Русија и Украина со посредство на администрацијата на Трамп се во застој од средината на февруари, по почетокот на војната со Иран.
Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во изминатите месеци одделно разговарале со руски и украински преговарачи, но без позначителен напредок.
Шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, во четвртокот изјави дека разговорите со Русија со американско посредство би можеле повторно да започнат во септември.
Зеленски во петокот им се заблагодари на САД за, како што рече, „неопходниот тон на разговорот со Русија“ и оцени дека администрацијата на Трамп предлага реалистична визија за следните чекори.

