24 C
Скопје
2 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

123 години од востанието, 82 од АСНОМ: Македонија го одбележува Денот на Републиката

Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, со централни свечености во Крушево, Пелинце и Скопје.

Празникот има двојно историско значење. Годинава се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република во 1903 година, како и 82 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ, одржано во 1944 година.

Централната манифестација во Крушево ќе се одржи на Мечкин Камен, каде што е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски.

Тој ќе се обрати во отсуство на претседателот на Собранието Африм Гаши, кој учествува на конференција на претседатели на парламенти во Каиро.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе присуствува на чествувањето во Скопје и ќе положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.

Свеченост е најавена и во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде што ќе се одбележат 82 години од Првото заседание на АСНОМ. На собирот треба да се обрати премиерот Христијан Мицкоски.

Илинденското востание почнало на 2 август 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле Крушево, а два дена подоцна била прогласена Крушевската Република, со Никола Карев како претседател.

Републиката траела десет дена. Османлиската војска, предводена од Бахтијар-паша, потоа тргнала да ја врати контролата врз градот. Една од последните и најзначајни битки се водела на Мечкин Камен, каде што загинал Питу Гули со дел од својот одред.

Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Свети Прохор Пчињски“ било одржано Првото заседание на АСНОМ.

На заседанието учествувале 115 делегати, кои донеле повеќе државотворни одлуки, меѓу кои воведување на македонскиот јазик како службен јазик и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, како најстар делегат, додека Методија Андонов-Ченто бил избран за претседател на Президиумот на АСНОМ.

Со чествувањата на двата Илиндена, државата ги одбележува историската борба за слобода и воспоставувањето на темелите на современата македонска државност.

Related posts

Привременото одобрување од САД за увоз на руска нафта од Индија може да го ублажи ценовниот притисок

admin

Северна Македонија постигна стратешки договор со Британија во вредност од 6 милијарди евра 

admin

АКО ВО СОСЕДСТВОТО ВРИЕ, СЕ СЛЕДИ ИЛИ СЕ СПИЕ?

ninja

Тајните ветá на ЕУ: Кој сака да ја блокира Македонија, Србија, Турција и Албанија?

admin

Само еден кандидат – 18.000 членови на СДСМ гласаа за Филипче

admin

ЕУ го менува пристапот кон проширувањето: Кошта најави нови механизми за побрз влез на Западен Балкан

admin