15.8 C
Скопје
9 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Осум кутии докази и седум сведоци: Судењето за Груби одложено уште на првиот ден

Главната расправа во случајот „Државна лотарија“, во кој меѓу осумтемина обвинети е и поранешниот вицепремиер Артан Груби, беше одложена на барање на одбраната откако дел од адвокатите посочија дека не го добиле обвинителниот акт и немале целосен увид во доказите на Обвинителството.

Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски соопшти дека доказниот материјал е обемен и содржи 231 материјален и седум вербални докази, односно сведоци. Материјалот е подготвен во осум кутии и ќе им биде ставен на располагање на обвинетите и нивните бранители.

Бидејќи предметот е притворски, на одбраната ќе ѝ бидат оставени околу десет дена за да се запознае со доказите, по што се очекува рочиштата да се одржуваат двапати неделно.

Во предметот се обвинети поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, кој е во бегство, Артан Груби и уште шест лица поврзани со работењето на компанијата.

Според обвинението, со дејствијата што им се ставаат на товар на Државна лотарија ѝ била причинета штета од околу 8,2 милиони евра.

Обвинението го застапуваат обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски.

Груби обвинет поради улогата на владина седница

Обвинителството тврди дека Груби, како претседавач со владина седница, овозможил на дневен ред да биде ставена и изгласана точка поврзана со спорната набавка.

Одбраната, пак, очекувано ќе го оспорува индивидуализирањето на одговорноста, имајќи предвид дека владините одлуки се носат колективно со гласање, а организацијата и подготовката на седниците е регулирана и преку надлежностите на Генералниот секретаријат.

Овие аргументи допрва ќе бидат предмет на судска оценка.

Бајрами ќе биде суден во отсуство

Првообвинетиот Перпарим Бајрами останува во бегство и постапката против него ќе се води во отсуство.

Груби, кој е во куќен притвор, побарал да му биде доставена копија од обвинителниот предлог.

Обвинителството проценува дека најголемиот дел од материјалните докази би можеле да бидат изведени на едно рочиште, додека сослушувањето на седумтемина сведоци би можело да трае уште две до три рочишта, зависно од директното и вкрстеното испрашување.

Судењето започнува во политички чувствителен момент, бидејќи предметот „Државна лотарија“ веќе предизвика остри препукувања меѓу ДУИ и владејачката ВЛЕН околу тоа дали станува збор за борба против корупцијата или за политички мотивиран процес.

 

Related posts

Трамп: Израел и Хамас се договорија за првата фаза од мировниот план за Газа, отворајќи пат кон прекин на огнот

admin

САД санкционираа турска банка поради Иран, Анкара испрати порака до компаниите

admin

Софија го затвора оружениот канал кон Киев: Бугарија повеќе нема да испраќа оружје

admin

Светска банка: Македонија може да заглави на 55 отсто од доходот на ЕУ до 2050

admin

(Не)испорачана правда: Кој е виновен за пожарот во Тетово?

admin

Османи: ВЛЕН ја предаде евроинтеграциската кауза

admin