25.2 C
Скопје
14 август, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Трајан Гоцевски: Армијата е столб на независноста и најсилната гаранција за националната безбедност

Годинава, кога одбележуваме 35 години од прогласувањето на независноста, се навршуваат и 34 години од формирањето на Армијата на Република Македонија и шест години од нејзиното функционирање како составен дел од силите на НАТО.

Станува збор за три датуми од посебно значење за македонските граѓани и за независноста на државата, во чие градење и зачувување Армијата има посебен придонес.

По повод 18 Август, Денот на Армијата, соговорник на Инбокс7 е проф. д-р Трајан Гоцевски, министер за одбрана во првата Влада на независна Македонија, под чие непосредно раководство беше формирана Армијата на Република Македонија. Гоцевски беше и првиот што го даде предлогот за зачленување на Македонија во НАТО и до денес останува доследен поддржувач на развојот на македонската Армија.

Инбокс7: Професоре Гоцевски, годинава се одбележуваат 35 години од независноста, 34 години од формирањето на Армијата и шест години од членството во НАТО. Какво е значењето на овие три датуми за Македонија?

Трајан Гоцевски: Македонија годинава одбележува три значајни датуми: 35-годишнината од прогласувањето на нашата независност, 34 години од формирањето на Армијата и шестгодишното функционирање на АРМ како составен дел од силите на НАТО.

Исклучително значајни датуми за нашата национална безбедност, за нашата одбрана, за стабилноста на нашата држава, за регионалната стабилност и, се разбира, за стабилноста на целата евроатлантска безбедносна зона, каде што и ние активно придонесуваме.

Вековниот сон на многу наши генерации, дејци, великани и политичари, да имаме своја држава со своја Армија, стана реалност. Со референдумот од 8 Септември и Уставот од 17 ноември 1991 година прогласивме формирање на своја независна држава. Со донесувањето на Законот за одбрана на 14 февруари 1992 година формиравме и своја Армија.

Со ратификацијата на договорот за членство во НАТО на 27 март 2020 година, Македонија стана полноправна членка на НАТО, дел од евроатлантската безбедносна зона со над една милијарда жители.

Денеска и целата територија на Македонија е дел од евроатлантската безбедносна зона. Во НАТО се сите делови од територијата на Македонија, која, за жал, со Букурештанскиот договор беше поделена на соседните држави, кои сега се членки на НАТО. Тоа е големата слика која не треба никогаш да ја заборавиме.

Денеска се бориме за полноправно членство во ЕУ, кое одамна го заслуживме, но некои соседи од непредвидливиот Балкан повторно застанаа пред нас на тој пат. Но, тоа не треба да нè обесхрабрува.

Македонскиот народ и другите националности со кои градиме модерно мултиетничко општество добро знаат дека нам, во историјата, никогаш ништо не ни е подарено. Сè што имаме е стекнато со многу страдања, одрекувања, многу труд, пот и крв.

Само треба, обединети околу државните и националните интереси, храбро да продолжиме напред и резултатите ќе си дојдат. Со сите сили и средства треба да си ја чуваме државата и нејзината Армија, да ги чуваме и зајакнуваме сите останати државни, научни, културни и невладини институции, како и бизнис-заедницата, за да опстојуваме како народ засекогаш на овој немирен и непредвидлив Балкан.

Инбокс7: Армијата се формираше во исклучително сложен период, во време на распадот на Југославија и војните во регионот. Во какви услови се одвиваше нејзиното создавање?

Трајан Гоцевски: Поминаа 34 години од почетоците на формирањето на АРМ. Тоа беше тешко и непредвидливо време. Одевме по работ на бездната. Секој погрешен чекор нè носеше и нас, но и независноста на Македонија, кон амбис од кој немаше враќање.

Но, влогот беше голем – независноста на Македонија.

Ние бевме уценети од меѓународната заедница да направиме неколку работи или нема независна држава. Како такви беа: да ја надминеме состојбата – туѓа војска на наша територија, а ние прогласивме независност, што беше вистина бидејќи со донесувањето на Уставот на 17 ноември 1991 година ЈНА стана туѓа војска.

Да ја надминеме состојбата на прогласена независна држава без своја Армија, како гарант на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет. Да ја заокружиме нашата територија со меѓународно признати граници. Северната граница, како административна внатрешна граница, за меѓународната заедница не беше валидна.

Со Лисабонската декларација дури се дрзнаа да нè обезличат, велејќи дека не може да имате држава со именката Македонија во името на државата. Во неколку пригоди, Л. Овен ни стави до знаење дека, без исполнување на овие услови, треба да ја заборавиме независноста.

Понатаму, уште поризично во тоа време беше тоа што немавме Закон за одбрана, а со тоа немавме законска основа за формирање на сопствена Армија. Па, секое формирање каква било воена формација ќе беше прогласено за паравојска и нападнато од ЈНА како нивна легитимна воена цел.

А тоа ќе значеше војна и во Македонија. Со тоа дефинитивно ќе ставевме крај и на нашата независност.

Тоа е вистината. Без разлика дали некому му се допаѓа или не.

Инбокс7: Од каде во тој период доаѓаа најсериозните закани за Македонија и нејзината независност?

Трајан Гоцевски: Речиси од сите страни. И однадвор и однатре.

Конкретно, тогашното Претседателство на СФРЈ донесе одлука со која ја овласти ЈНА да може воено да интервенира во сите републики кои ќе покажат сепаратизам. Македонија беше сврстена во тие републики.

Мене, како министер за одбрана, ми беше пренесено дека, „според планот“, Република Македонија може за четири до шест часа да биде ставена под воена управа, ако се нареди. Поголема закана од ова немаше.

Однатре, како врв на нашата неизвесност, стана и одбивањето на тогашното Министерство за одбрана на Македонија да подготви закон со кој ќе се создаде законска основа за формирање на наша регуларна Армија.

Како резултат на овие недоразбирања и ултиматуми, во Македонија се појавија идеи за формирање воени формации наместо Армија на Република Македонија, како: Македонска национална гарда, Албанска ослободителна армија, силна полиција, а не Армија и сл.

Како што се згуснуваа деновите и настаните, во одредени кругови во Македонија се промовираше и тезата дека е неминовно да се отвори војна со цел да бидеме признаени како независна држава, по примерот на Словенија и Хрватска.

Исто така, се иницираше и идејата за отворање на т.н. Јужен фронт, во кој, според едно сценарио, Македонија со Косово, Херцег-Босна и Хрватска да отворат фронт против режимот на Милошевиќ, а според другото сценарио, Македонија заедно со Србија и Србите од БиХ да отвори фронт против режимот на Туѓман. Двете сценарија за нас ќе беа погубни.

Еве само еден пример кој првпат појасно го изнесувам. Имено, постоеше одлука на државното раководство на Република Македонија да не испраќаме регрути во ЈНА и единици на ТО надвор од Македонија, но тоа не беше почитувано од МО.

По одлуката на Владата и на претседателот на државата, до моето доаѓање за министер за одбрана, во ЈНА беа испратени околу 16.200 регрути, а околу 750 припадници на ТО беа упатени кон Србија, што предизвика бунт во таа единица. Но, за тоа никој не одговараше.

Владата затоа го разреши раководството на Министерството за одбрана. Во едни такви сложени услови, мене, како министер за одбрана, ми беше доверена таа исклучително сложена и ризична задача: да се донесе Закон за одбрана и други акти потребни за функционирање на Армијата, да се исели ЈНА по мирен пат и да се формира регуларна Армија на Република Македонија.

Назад немаше каде. И успеавме.

АРМ беше успешно формирана и еве 34 години чесно им служи на своите граѓани и на својата држава. Но, мора да ги повторуваме овие работи бидејќи новите генерации и припадници на АРМ не ги знаат.

Инбокс7: По 34 години од формирањето, каде е македонската Армија денес?

Трајан Гоцевски: Со една реченица: денеска веќе имаме модерна, современа и високо угледна институција, која успешно функционира во сите структури на НАТО.

Започнавме во исклучително сложени услови, со скромни ресурси, но со огромен ентузијазам, посветеност и решителност. Преку планирана професионализација и модернизација, денеска стигнавме до респектабилна воена сила, полноправна членка на НАТО Алијансата.

Успех кој е достоен за почит од секој македонски граѓанин.

Сепак, Армијата не настанала сама по себе. Македонската Армија влече корени од победите, од поразите, од митовите за непокорност, храброст, патриотизам, посветеност, решителност и самопожртвуваност: од македонската фаланга на Филип и Александар, преку Самоиловата војска, херојствата на преродбениците и илинденците, непокорноста на асномците, за да продолжи со деведесеттите, по распадот на Југославија, кога е прогласена нашата независност.

Благодарејќи на визијата на нашите државници од 90-тите години, кои знаеја да ја проценат сложената геополитичка состојба во Европа и светот, во 1991 година се одлучија за формирање независна, самостојна и суверена држава, со формирање своја Армија, со која се заокружија суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Македонија како држава.

Денеска имаме Армија како доверлив партнер, со висок професионализам и посветеност на своите задачи и мисии. Рамо до рамо со армиите од евроатлантската безбедносна зона, македонската Армија придонесува за мирот и стабилноста во зоната на одговорност на НАТО, притоа будно штитејќи ги суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на нашата татковина – Република Македонија.

Помага и на државата и на граѓаните кога им е најтешко – при поплавите, пожарите, бегалската криза, пандемијата и сл.

Затоа денеска сите треба да се гордееме со македонската Армија. Поминавме и бурни и мирни периоди за денеска Армијата да биде институција со најголема доверба кај граѓаните. Тоа треба да биде поука и за другите државни институции.

Инбокс7: Кои беа клучните чекори на патот од прогласувањето на независноста до создавањето на сопствена Армија и подоцна до членството во НАТО?

Трајан Гоцевски: Патот не беше лесен.

Зад нас имаме солидно, над 35-годишно искуство како независна и суверена држава со своја Армија. Ќе започнам со двата најзначајни датуми за Армијата и за државата.

Имено, Армијата на Република Македонија на 27 март 1992 година ја презеде контролата над целата државна територија. Воспоставивме целосен суверенитет како држава.

Вториот датум е 27 март 2020 година, кога Македонија стана членка на НАТО.

На овие важни датуми им претходеа клучни процеси и настани со стратешко значење за нашата национална безбедност: разговорите во Белград за идна југо-заедница; шесте средби на претседателите на републиките; референдумот за независност од 8 септември; првиот Устав од 17 ноември 1991 година; Законот за одбрана од 14 февруари 1992 година; Договорот за дислокација на ЈНА од Македонија од 21 февруари 1992 година. Има и други датуми, но овие ги сметам за многу значајни.

Во тие бурни времиња, Македонија мораше да го заокружи политичкото, одбранбеното и военото осамостојување. Динамиката на формирање на Армијата беше со светлосна брзина. Едноставно моравме.

До 9 мај ги добивме првите регуларни единици и на 10 мај, кога СФРЈ како држава беше избришана од ООН, ние имавме сопствена Армија и го исполнивме најважниот услов на меѓународната заедница за независна држава.

На самиот почеток препознавме дека наш витален интерес е интеграцијата во НАТО како најважен систем на колективна безбедност, во исто време и заедница на демократии кои веруваат во ист систем на вредности.

Советот за безбедност на Република Македонија на 18 мај 1992 година, на мој предлог, донесе заклучок за отпочнување на процедурите за прием на нашата држава во НАТО.

Во декември 1993 година Собранието на Република Македонија донесе Декларација за зачленување во НАТО. Во 1995 година го потпишавме договорот Партнерство за мир.

Исклучително е значајно што зад оваа стратешка цел застана огромното мнозинство од граѓаните и сите релевантни политички фактори и таа успешно се реализира.

Армијата за овие 34 години целосно се трансформира во современа и респектабилна институција, дел од евроатлантската безбедносна зона. Голема доблест за Армијата.

Започнавме скромно, со капацитетите што ги имавме во ТО на СРМ и со потенцијалот и луѓето од Македонија кои служеа во ЈНА. Сојузник ни беше и огромната волја, втемелена врз слободарските традиции на илинденците и на партизаните од антифашистичката борба и плејада херои кои животите ги положија за Македонија.

Подоцна модернизацијата на АРМ се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата, фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната.

Државата вложуваше и во едукацијата на офицерскиот кадар. Голем број од нашите офицери завршуваа школи за национална одбрана во земјите членки на НАТО.

Секако, најголем придонес во таа смисла даде Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“. Таа денеска прерасна во модерна високообразовна институција, единствена од таков вид во нашата држава, оспособена по сите универзитетски стандарди да реализира студии од прв, втор и трет степен.

Исто така, реализира и бројни научноистражувачки проекти од витално значење за нашата Армија.

Армијата стекнуваше искуство и ја одржуваше својата борбена кондиција на бројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, Европската Унија, Обединетите нации и од нашите стратешки партнери на билатерална основа.

Со тоа го зајакнавме и нашиот меѓународен кредибилитет. Нè препознаваа како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.

Инбокс7: Армијата со години е меѓу институциите со највисока доверба кај граѓаните. Како се градеше тој кредибилитет на домашен терен?

Трајан Гоцевски: Армијата во сите изминати 34 години никогаш не ги заборави своите граѓани. Тоа е клучот за довербата.

Низ целиот овој период, Армијата беше ангажирана во сите клучни предизвици низ кои минуваше државата, какви што беа: Косовската криза од 1999 година, воениот конфликт од 2001 година и мигрантската криза од 2015 година.

Армијата се вклучуваше и помагаше и во најразлични кризни и вонредни состојби, од справување со елементарните непогоди и пожари до пандемијата на КОВИД-19.

За зголемување на кредибилитетот и довербата која граѓаните ја имаат денес во Армијата, битно значење имаше процесот кој го започнавме по 2001 година, кога во нејзините редови почнаа помасовно да се вклучуваат и припадниците на другите етнички заедници, како и жените.

Вклучувањето на припадниците на различните групи од нашето општество во Армијата само ја засилува нејзината внатрешна кохезија и потенцијал за уште поуспешно да ги извршува своите уставни и законски обврски.

Членството во НАТО стана стабилизирачки фактор за Македонија во најширока смисла на зборот.

Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти се покажа колку членството во НАТО е важно и претставува значаен стабилизирачки фактор за Македонија.

Со исто значење е и нашето стратегиско партнерство со САД, а сега, најново, и со Велика Британија и со ЕУ.

Во споредба со почетоците, денес имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна професионална Армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува и со новите асиметрични и хибридни закани на 21 век.

И класичните, традиционални воени закани остануваат присутни. Меѓутоа, новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме.

Свесни сме каква опасност се дезинформациите, лажните вести и политичката пропаганда која има за цел да ја дестабилизира демократијата како систем.

За да бидеме подготвени за соочување и со традиционалните и со новите закани, треба да продолжиме да инвестираме во одбраната и во системот за национална безбедност како целина.

Инбокс7: Во услови на војни, геополитички тензии и трансформација на НАТО, во која насока треба да се развива македонската Армија?

Трајан Гоцевски: Мислам дека се наоѓаме на разиграна и непредвидлива шаховска табла. Деновиве се влечат клучните потези. Започнува редизајнирање на светскиот поредок. Се водат војни.

По промената на надворешната и безбедносната политика на САД, кои се и наш стратешки партнер и најмоќната држава членка на НАТО, по промената на ЕУ, која се стреми кон побрзо воспоставување независна европска одбранбена способност, и по одлуките на НАТО да ги зголеми инвестициите во своите капацитети, како сè да се менува.

Само пред некој ден, командантот на НАТО за трансформација, адмирал Вандије, најави дека Алијансата има потреба од длабока внатрешна трансформација. Тој отворено констатира дека „постојните системи на одбрана повеќе не се приспособени на современото војување“.

Овие пораки се однесуваат и на Македонија. Кога се менуваат стратегиите на НАТО, тоа нужно бара и промени во националните стратегии и одбранбени системи. Затоа, трансформацијата треба да ја сфатиме како стратешка неопходност.

За Македонија тоа значи натамошна модернизација на Армијата, инвестиции во противвоздушната одбрана, беспилотните системи, сајбер-безбедноста и дигиталните комуникации.

Потребно е и усогласување со новите НАТО-доктрини, заедничките стандарди и концептот на повеќеслојна одбрана што го промовира Алијансата.

Покрај набавката на современа опрема, потребна е изградба на капацитети за брза адаптација, логистичка одржливост и интегрирано дејствување со сојузниците.

Македонија и Армијата на Македонија треба да бидат активни учесници во трансформацијата на НАТО, бидејќи успехот на НАТО зависи од подготвеноста на секоја членка да ги прифати новите принципи на современата одбрана.

А ние сме членка на НАТО и дел од евроатлантската безбедносна зона и кандидат за членство во ЕУ.

Мислам дека сега, повеќе од кога било досега од нашето осамостојување, ни се потребни многу мудрост, национално единство и стратешко размислување и носење одлуки за нашето долгорочно позиционирање, во услови на изразено висока динамика во меѓународните односи.

Инбокс7: Како новата безбедносна парадигма се одразува врз односите со Европската Унија и врз идната европска безбедносна архитектура?

Трајан Гоцевски: Секако дека има. Затоа неслучајно, во позитивна конотација, го спомнав потпишувањето на стратешкото партнерство со ЕУ и со Велика Британија.

Што се однесува до ЕУ, за да може вистински да ја постигне својата стратешка автономија во новата геополитичка динамика и да го зачува својот кредибилитет, според мене, ЕУ ќе мора да се посвети на брзо решавање на четири круцијални безбедносни прашања.

Првото е проширувањето и забрзан прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ, стабилизирајќи ја со тоа Југоисточна Европа.

Второ, ЕУ да одговори кој е најдобриот одговор за колективната безбедност и одбрана на земјите членки на ЕУ, каде што сакаме да членуваме: преку мисијата на НАТО или преку реализацијата на идејата за заедничка европска одбрана и формирањето европски вооружени сили – Армија.

Трето, се разбира, и најважно и најосетливо, ЕУ да одлучи како ќе ја остварува крајната стратегиска потпора на својата одбрана и безбедност: на нуклеарниот потенцијал на Франција и Велика Британија или на нуклеарниот потенцијал на САД.

И, четврто, да одговори како ќе ја решава бегалската или мигрантската криза, која зазема сè поголеми размери и станува сериозен економски, безбедносен и политички ризик за сите држави.

Четирите прашања се тешки, бараат смели и брзи политички одлуки за ЕУ да постигне посакувана стабилизација.

Промените во САД, најавите за дебата за идните позиции на САД во НАТО и неодлучноста и недореченостите на ЕУ по тие прашања сега ѝ се испорачуваат како неплатена сметка од минатото, која ќе мора да се наплати.

Инбокс7: Во таква геополитичка и безбедносна средина, што треба да биде следниот чекор за Македонија и за нејзината Армија?

Трајан Гоцевски: Сега е вистинското време да се свртиме кон иднината.

Ќе повторам, во моментот се наоѓаме во исклучителна геополитичка динамика, во безбедносна средина условена од водењето на две брутални војни кои го засегаат светот, Европа и нашиот регион, па со тоа и нашата држава и нашата Армија.

Оваа состојба од корен го менува односот кон безбедноста и одбраната кај сите држави и нивните сојузи, како што се НАТО, ЕУ и, се разбира, ООН.

Според мене, во таква сложена состојба треба да дадеме одговор на прашањето: што понатаму? Каде и како ќе ја водиме нашата Армија и нашата држава?

Според моето искуство од оваа проблематика, нам во Македонија ни е потребен политички и надпартиски консензус за потребата од промена на курсот кон Армијата.

Тоа треба да биде долгорочен процес, заснован на стабилни основи, кој треба да се однесува на неколку стратешки прашања:

  1. Мора да се одржува нужна борбена готовност на Армијата на долг рок.
  2. Ни треба стабилно финансирање на Армијата на краткорочен, среднорочен и долгорочен план.
  3. За да се постигне тоа, потребно е перманентно вложување, без осцилации какви што имавме во изминатите три децении.
  4. Нужно е да продолжи модернизацијата на Армијата во континуитет, согласно усвоениот десетгодишен план.
  5. Потребно е перманентно технолошко унапредување на борбената опрема и борбените системи на Армијата.
  6. Мора да обезбедиме стабилно и зголемено финансирање на АРСМ во согласност со системот за планирање, програмирање и буџетирање.
  7. Потребно е зголемување на квалитетот на човечкиот потенцијал, се разбира, во согласност со проценките за безбедносните ризици и предизвици со чие справување би се соочувала Армијата во иднина.
  8. Ние мораме да ги процениме и внатрешните предизвици и ризици и да ја подготвиме Армијата за ваквите состојби кои ги налага времето: бегалската криза, пожарите, здравствената криза, сајбер-нападите, заштитата на критичната инфраструктура и сл.
  9. Во таа насока треба да ги прецизираме новите мисии на АРМ на внатрешен план, за што е потребно да се иновираат основните документи на државата, како што се кризниот менаџмент, управувањето со кризи, заштитата и спасувањето и сл.
  10. Следната голема реформа, која е веќе во тек во западните системи во областа на одбраната, безбедноста и разузнавачките системи, е заради подобро соочување со хибридните и сајбер-заканите и со нивниот најистурен аспект – дезинформациите, космичката одбрана, заштитата на критичната инфраструктура и заштитата на информатичките системи во сите области.
  11. Стратегиското партнерство на високо ниво со САД треба да остане најбитна алатка за развојот и модернизацијата на Армијата.

Во контекст на новонастанатата геополитичка и военостратегиска состојба, Армијата мора да продолжи да се увежбува, развива, модернизира и технолошки да се унапредува.

Затоа, модернизацијата на Армијата останува круцијално прашање. Треба да го потврдиме континуитетот на вложувањето во развојот на капацитетите на нашата Армија, што е гаранција дека продолжуваме да инвестираме во нашата национална безбедност на долг рок.

Инбокс7: Ако треба во неколку реченици да ја опишете Армијата денес, што претставува таа за државата и за граѓаните?

Трајан Гоцевски: Еве како јас, во неколку реченици, би ја опишал нашата Армија:

34 години перманентен столб на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата држава.

Сигурно рамо на кое можат да се потпрат државата и граѓаните при каков било ризик во кој би се нашле.

Кохезивен фактор и стабилизатор во македонското општество.

Коридор по кој стабилно и упорно ја носеше нашата држава кон евроатлантската Алијанса.

Дипломат од највисок ранг кој Македонија ја афирмираше на меѓународната сцена, а посебно во безбедносното етаблирање во евроатлантската безбедносна зона.

Контрибутор во зачувувањето на регионалниот и светскиот мир и безбедност преку многуте меѓународни мировни мисии.

Институција со Долгорочен план за развој на одбранбените способности до 2032 година, усвоен од Собранието, а со тоа и со стабилен и одржлив развој на Армијата како сложен систем.

Институција со највисока доверба кај граѓаните на Македонија.

На сите припадници на Армијата им го честитам 34-тиот роденден.

 

Related posts

Грција ги легализира истополовните бракови

admin

Слободата на медиумите под притисок од партиски ПР, нетранспарентен капитал и „копи-пејст“ новинарство

admin

Русија удира по Украина додека САД туркаат мировен договор – Кременчук во мрак по „масовен“ напад

admin

Пеци: Косово има потреба од влада со албанско мнозинство – малцинствата не треба да ја кројат судбината на државата

admin

Нови обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ: Филипче работи со луѓе кои го негираат македонскиот идентитет?

admin

Како дојде до распад на германската владеачка коалиција

admin