Вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината, туку реалност во редакциите која го менува начинот на кој новинарите истражуваат, анализираат податоци, проверуваат информации и произведуваат содржини. Но нејзината моќ истовремено носи и нови ризици, од неточни информации и алгоритамска пристрасност до дезинформации, манипулации и губење на довербата во медиумите.
Долгогодишниот истражувачки новинар и политички аналитичар Џелал Незири смета дека дилемата повеќе не е дали новинарите треба да ја користат ВИ, туку како да ја користат без да ги напуштат основните принципи на професијата. Незири е автор на прирачникот „Етичка и професионална употреба на вештачката интелигенција во новинарството“, создаден како практичен и етички водич за можностите, ризиците и одговорностите што ги носи ВИ во медиумите и јавниот простор.
Во интервју за СКУП, тој зборува за границата меѓу човекот и алгоритмот, опасноста од некритичко прифаќање на содржините генерирани од ВИ, брзината наспроти точноста и иднината на професионалното новинарство во време кога технологијата може за неколку секунди да произведе текст, фотографија, видео или анализа.
СКУП: Со оглед на вашето долгогодишно искуство како истражувачки новинар и политички аналитичар, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?
Џелал Незири: Најголемиот предизвик е новинарството да ја користи вештачката интелигенција, а да не стане зависно од неа. Тоа е суштинската разлика. ВИ треба да биде алатка на новинарот, а не обратно. т.е. новинарот да стане алатка на ВИ. Новинарството има принципи кои не се промениле со појавата на интернетот, а не треба да се променат ниту со појавата на генеративната ВИ. Точноста, проверката на фактите, релевантноста на изворите, јавниот интерес, независноста и одговорноста за објавеното остануваат темелите на професијата.
ВИ може за неколку секунди да анализира стотици страници документи, да пребарува големи бази на податоци, да препознае обрасци кои новинарот можеби не би ги забележал, да помогне во транскрипција, превод или структурирање на истражувањето. За истражувачкото новинарство тоа е огромна можност. Но ВИ нема новинарски инстинкт, нема сопствено искуство од теренот и, што е најважно, не носи професионална и морална одговорност за објавеното. Ако алгоритмот направи грешка, пред јавноста не одговара алгоритмот. Одговараат новинарот и медиумот.
Затоа принципот треба да биде едноставен: ВИ може да помогне во процесот, но човекот мора да ја има последната редакциска одлука.
СКУП: Постојано се зборува за етичка употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во споредба со понуденото од вештачката интелигенција?
Џелал Незири: Границата е таму каде што престанува човечката контрола и почнува автоматското прифаќање на она што го произведува машината. Вештачката интелигенција не треба да ја гледаме ниту како закана која треба да ја забраниме, ниту како магично решение за сите проблеми на медиумите. И двата пристапа се погрешни. Клучни се транспарентноста, одговорноста и човечкиот надзор. Новинарот мора да знае за што ја користи ВИ и мора да биде способен да го провери резултатот што го добива. На пример, ако користите ВИ за анализа на голема база на јавни набавки, тоа може значително да го забрза истражувањето. Но ако системот ви посочи сомнителна компанија или трансакција, тоа не е доказ туку трага. Новинарската работа започнува токму таму, со проверка на документите, сопственичките врски, институционалните извори и со барање одговор од засегнатите страни.
Проблемот настанува кога новинарот ќе ја замени проверката со едно барање до ВИ. Тука е и прашањето на транспарентноста. Ако ВИ имала суштинска улога во создавањето одредена новинарска содржина, особено фотографија, видео, аудио или друг материјал кој публиката може да го разбере како автентичен, медиумот треба јасно да го означи тоа. Не смееме да создадеме ситуација во која публиката повеќе не знае што е документ од реалноста, а што е производ на алгоритам. Нашата мисија е да ја доловиме објективната реалност до публиката, а не спротивното.
СКУП: Колку може и треба да им се верува на информациите кои ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?
Џелал Незири: На информација добиена од ВИ треба да ѝ веруваме онолку колку што можеме независно да ја провериме. Тоа е можеби најважното правило. Генеративната ВИ може да даде одговор кој звучи совршено логично, граматички е беспрекорен и содржи многу детали, а сепак дел од тие информации да бидат неточни. Уверливоста не е доказ за точност.
Затоа за новинарот ВИ не треба да биде конечен извор. Таа може да биде почетна точка која ќе нè упати кон документи, институции, бази на податоци, научни трудови, извештаи или други релевантни извори. Новинарот потоа мора да оди до примарниот извор. Особено опасно е кога ВИ се користи за политички чувствителни теми, конфликти, избори или кризни ситуации. Тогаш една неточна информација може многу брзо да стане дел од поширока дезинформациска кампања. Имаме уште еден проблем: алгоритмите не функционираат во вакуум. Тие се обучени врз огромни количества веќе постоечки содржини. Ако во тие содржини има предрасуди, стереотипи, пропаганда или неточности, тие можат да се рефлектираат и во одговорите на ВИ.
Затоа медиумската писменост денес мора да биде надградена со нешто што би го нарекол ВИ-писменост. Не е доволно да знаеме да ја користиме технологијата туку мора да знаеме и да се сомневаме во неа.
СКУП: Дали брзината на информациите понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?
Џелал Незири: Не. Тоа е една од најголемите лекции што требаше да ги научиме од интернет-револуцијата. Интернетот му даде неверојатна брзина на новинарството, но истовремено создаде еден опасен натпревар: кој ќе биде прв, наместо кој ќе биде точен. Вештачката интелигенција може дополнително да го забрза тој процес. Денес можете за неколку секунди да добиете нацрт на текст, резиме на документ, анализа или превод. Но ако заштеденото време не го инвестираме во проверка, тогаш технологијата не го подобрува новинарството туку само побрзо ги произведува неговите грешки.
Во истражувачкото новинарство особено, брзината никогаш не смее да биде поважна од содржината. Можете да бидете први и да објавите неточна информација, но исправката речиси никогаш нема да стигне до ист број луѓе како оригиналната грешка. Како во случајот со јастукот – ако го искините потоа никогаш нема да ги соберете сите пердуви. Затоа јас ВИ ја гледам како можност да заштедиме време во техничките и рутинските задачи и тоа време да го инвестираме во она што машината не може да го направи наместо нас: теренска работа, разговор со извори, анализа на контекстот, проверка и поставување на вистинските прашања.
СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?
Џелал Незири: Македонското новинарство нема да може да избега од вештачката интелигенција, исто како што пред три децении не можеше да избега од интернетот. Прашањето кога ќе се приспособи и како. Медиумите кои ќе ја користат ВИ само за да произведуваат повеќе евтини содржини веројатно краткорочно ќе добијат во квантитет, но долгорочно ризикуваат да ја изгубат довербата на публиката. Ако десет портали користат исти алатки за да произведат десет речиси идентични текстови, тогаш се поставува прашањето: зошто на публиката ѝ се потребни десет медиуми?
Вредноста на новинарството ќе биде токму во она што ВИ најтешко може да го замени, т.е. оригиналното истражување, ексклузивните извори, теренската работа, критичкото размислување, локалниот контекст и довербата изградена меѓу новинарот и публиката. Затоа мислам дека ќе се соочиме со парадокс каде, колку ВИ ќе станува помоќна, толку автентичното новинарство ќе станува повредно. Предизвикот за македонските медиуми ќе биде и финансиски. Малите редакции немаат ресурси како големите глобални медиуми, но ВИ може токму тука да демократизира дел од можностите, т.е. да овозможи мала истражувачка редакција да анализира огромни количества документи, да работи со податоци или да следи информации на повеќе јазици.
Но технологијата сама по себе нема да го спаси новинарството. Иднината ќе зависи од довербата. А довербата ќе ја имаат медиумите кои јасно ќе покажат што е факт, што е анализа, од каде потекнува информацијата, како е проверена и кога и како била користена ВИ. ВИ може да ни помогне да стигнеме побрзо до информацијата, сепак човекот мора да одлучи што е важно, што е вистинито и што е во јавен интерес. Се додека имаме контрола врз ВИ тогаш тоа е продуктивно за новинарството.
Токму затоа новинарството на иднината не го гледам бинарно, како избор меѓу човекот и алгоритмот, туку како новинарство во кое технологијата му служи на човекот, а не обратно.
Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Меѓународната програма за развој на комуникациите (IPDC) на УНЕСКО. Изразените ставови и мислења се исклучиво на авторот/авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на УНЕСКО како донатор.

